Наместо безгрижни училишни денови, закани, навреди, понижувања и тепање од своите врсници, а дел од насилството било снимано со мобилен телефон а видеата се ширеле меѓу ученици.
Ваква тортула доживеало 12 годишно девојче од Штип. Врсничкото насилство се случило пред неколку месеци, а денеска нејзината адвокатка објаснува со какви мерки се соочиле малолетниците и нивните родители. Обвинителството повело постапка за „насилство врз дете“ против децата кои учествувале во тепањето, а против двaјца малолетници кои снимале постапка за неовластено снимање. Адвокатката Маја Ристова вели дека родителите на жртвата побарале и одговорност од родителите на малолетниците, па поднеле кривична пријава за запуштање и малтретирање на дете. Но тие пријави биле отфрлени. По жалба, предметот е вратен на повторно одлучување.
- „Сметам дека континуирано и три месечно малтретирање психофизичко на дете од 12 години, брутално тепање и влечење за коса, заканување, уценување и притоа снимање на видеоснимки, проширување на видеоснимки и тоа како заслужува построга мерка од таа која што беше изречена. ОЈО Штип поднесе мерка засилен надзор од страна на Центарот за социјална работа, тоа е воспитна мерка којашто ја дозволува законот, меѓутоа судот сметаше дека и таа мерка е строга и изрече мерка засилен надзор од страна на родителот“, изјава на Маја Ристова адвокат на оштетеното девојче.
Но траумите на жртвата и денес се присутни, додава Ристова. Девојчето подолг период не посетувало настава, а одело на психолог за полесно да се справи со последиците. Според психолозите, дете со агресивно однесување не се раѓа, тоа се учи во текот на животот, а родителите и надлежните се клучни за креирање на личнопста на детето.
- „Некаде во основното училиште се надоврзат сите предметни наставници, наставничките, – стручните соработници, секако и во основните училишта за да почнат да се применуваат одредени работилници, обуки, да се разговара за процесот на емпатија, за процесот на ненасилна трансформација на конфликти, децата да учат да почитуваат различности, затоа што кога се тоа тие ќе совладаат јас сум убедена дека насилството нема да биде приустно или во најмала рака ќе биде многу намалено“, рече Кристина Атанасова психолог во СУГС „Јосип Броз Тито“.
Пред речиси две недели во Ѓорче Петров тежок случај на врсничко насилство ја згрози јавноста. Адвокатката Ристова вели е пријатно изненадена дека за овој случај надлежните брзо реагирале а следуваа и кривични пријави и за родителите што во нивниот случај во Штип не било така. Смета дека надлежните треба да постапуваат не само во почетна фаза туку и со строга воспитна мерка, а законот предидува упатување во поправен дом.
- „Заради немоќта или да речеме нереакцијата на институциите на крајот сметаат дека треба нештото да биде медиумски покриено за да може да се реагира и да се даде значење на тој проблем. Не треба и тоа, но јас ги разбирам луѓето, на крајот на краиштата во мојот случај родителите велат ние мора да одиме по медиуми затоа што не може во случајот со Ѓорче да има таква брза реакција и таква медиумска покриеност и таков револт, а нашиот случај нашето дете дали е помалку вредно од тоа дете? Тука се поставува прашањето и нивната реакција според мене е оправдана затоа што имаме селективна правда каде што во една ситуација, а многу е идентичен случајот, во една ситуација брзо се реагира, а во друга ситуација имаме отфрлање на кривични пријави и мерки укор за снимање на тепачка по училиште“, објасни адвокатката Ристова.
Таа предупредува дека врсничкото насилство станува секојдневие, а институциите, родителите и стручните служби се уште не му посветуваат доволно внимание. Според неа, несоодветната реакција може да остави трајни последици врз децата и нивните семејства.
Симона Петровска
