Американски судија нареди објавување на документ за кој се тврди дека е проштална порака напишана од осудениот сексуален предатор, Џефри Епстин, еден месец пред неговата смрт.
Копија од рачно напишаната белешка, која беше отпечатена во јавноста во средата, споменува повеќемесечна истрага што „не пронашла ништо“ и наведува дека „привилегија е човек сам да го избере времето за збогување“.
Поранешниот цимер на Епстин во затвор тврди дека ја пронашол белешката скриена во книга откако Епстин се обидел да се самоубие во јули 2019 година. Епстин беше пронајден мртов во својата ќелија еден месец подоцна.
Неговата смрт, која властите ја прогласија за самоубиство, се случи додека чекаше судење за трговија со луѓе за сексуална злоупотреба.
Наводната белешка била прогласена за судска тајна, како дел од кривичната постапка против поранешниот цимер на Епстин, Николас Тартаљоне, кој во тоа време бил задржан во истата ќелија додека чекал судење за четири убиства.
Скен од белешката во судскиот документ, објавен во вторникот, покажува рачно напишана реченица:
„Ме истражуваа со месеци – НЕ НАЈДОА НИШТО!!!“
Во белешката се споменуваат и обвиненија стари повеќе години.
„Привилегија е човек сам да го избере времето за збогување,“ пишува понатаму.
„Што сакате да правам – да се расплачам ли!!“ продолжува текстот. „НЕ Е ЗАБАВНО – НЕ ВРЕДИ.“
Белешката содржи само седум реда текст, што остава неизвесност околу нејзиното вистинско значење.
