Ова не е добро време за уметност, но немаме друго, сега. Ова го кажа нашиот најпреведуван и најпоставуван драмски автор во странство, во историјата на македонскиот театар, Дејан Дуковски, на часот по „ Македонска драма и театар “ на ФДУ во Скопје. Дуковски ќе биде автор во фокусот на претстојното 60. јубилејно издание на МТФ „ Војдан Чернодрински“ во Прилеп, па настанот на ФДУ беше своевидна увертира што ја модерираше професорката, театролог , писателка и поетеса, Ана Стојаноска.
- Не е добро време за уметност, ама немаме друго сега и тоа е точно. Но, бил театарот исто, многу често пати нели, да не кажам прохибиран, не бил во милост. Шекспир пишувал поезија кога театарот не бил на цена во Англија. Ама не умрел театарот, вели Дејан Дуковски- драмски писател.
Во македонскиот театарски контекст Дуковски го воведе постмодерниот правец „ драма на крв, пот и сперма“, со што и во европски рамки е пред Сара Кејн, препознаена како таква авторка во Англија. Неговите драми, пишувани фрагментарно , со брутален и искрен јазик претставуваа нов тренд во македонскиот театар. Од „ Балканска 3/а“, преку „ Последниот балкански вампир“, па „ Балканот не е мртов“, „ Буре Барут“ „ М.М.Е. кој прв почна“ до најновата „ Црно злато“, драмите на Дуковски беа и се коментар на стварноста на Балканот.
- Кризно место, а драмата некако се занимава со криза и со конфликт, во кој што јас творев. Така што мене ми беше многу логично и тој наслов „ Буре барут“ што е доста експлицитен, во смисла на темата, рече Дуковски.
Објавувањето на текстот„ Буре барут“ во германскиот магазин „ Театарот денес“ широко му ги отворило вратите низ светот. За развојот на неговата креативност заслужен е неговиот професор Горан Стефановски, но и автори од регионот и пошироко. Кога пишува, Дејан Дуковски сака и тишината меѓу дијалозите да има значење и се труди, како што рече, во текстовите да вметне надеж за иднината.
Сотир Трајков
