Транспаренси Интернешнл–Македонија го објави годишниот „Барометар на корупција 2025“, кој претставува преглед на дванаесетте месечни изданија на „Бистро-Матно“.
Извештајот ја отсликува состојбата со корупцијата преку следење на конкретни случаи, институционални реакции и системски слабости, кои и натаму остануваат сериозен предизвик за државата.
2025 година беше обележана со низа „матни“ настани, меѓу кои трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, скандалите во здравството, случувањата во ДКСК, бројни случаи на поткуп, како и неносењето на нов Кривичен законик.
Извештајот укажува и на континуирани негативни ревизорски наоди, институционални пропусти и недостиг од политичка волја, особено видлив преку нефункционирањето на институцијата Народен правобранител.
Покрај негативните појави, нотирани се и „бистри“ настани, како засилената улога на граѓанските организации во заштитата на животната средина, дигитализацијата на Управниот суд и иновативните антикорупциски иницијативи на младите.
Барометарот на корупција 2025 уште еднаш ја потенцира потребата од итни и суштински реформи за зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
