На самитот на ЕУ во Брисел лидерите на 27-члената Унија треба да одлучат дали и како да користат десетици милијарди евра замрзнати руски средства за се обезбеди заем за воените и финансиските потреби на Украина во следните две години. Или пари денес или крв утре, велат поголемиот дел од европските лидери.
Како да се распредели финансискиот пакет од 137 милијарди евра за кои Меѓународниот монетарен фонд вели дека на Украина, опустошена од војната, ѝ се потребни. Многу европски лидери инсистираат замрзнатите руски средства што се чуваат во Европа да се искористат за задоволување на економските и воените потреби на Украина во следните две години. Но таква одлука, која никогаш порано не била донесена, носи ризици.
- „Сега имаме едноставен избор, или пари денес или крв утре. И не зборувам само за Украина. Зборувам за Европа и ова е наша одлука, и само наша. Мислам дека сите европски лидери конечно мора да се издигнат на висина во оваа пригода. И ова е сè што можам да кажам денес,“ рече Доналд Туск, полски премиер.
Унгарскиот премиер кратко им одговори на новинарите дека давањето пари значи војна.
- „Бидејќи не би сакал да видам Европска Унија која е во војна. Давањето пари значи војна,“ кратко одговори Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен смета дека ова е прашање на солидарност. Германскиот канцелар Фридрих Мерц се надева дека ризиците може да се решат.
- „Денес мора да најдеме решение. Претседателот на Советот рече, а јас го поддржувам во тоа, дека нема да го оставиме Европскиот совет без решение за финансирањето на Украина за следните две години, а двете опции, едната од нив потоа мора да се договори во Европскиот совет,“ истакна Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
- „Ги разбирам загриженостите што ги имаат некои земји-членки, особено белгиската влада. Но, се надевам дека можеме да ги решиме заедно и дека можеме да тргнеме по заеднички пат за да ѝ покажеме на Русија дека Европската Унија е симбол на сила и решителност. Реакциите на рускиот претседател во последните часови покажуваат колку е ова неопходно,“ дециден Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Европската централна банка предупреди дека ако Европејците се покажат подготвени да ги зграбат парите на другите земји, тоа би можело да ја поткопа довербата во евровалутата. Некои земји-членки се загрижени и за повиците на одмазда од Русија. Белгија, каде што поголемиот дел од замрзнатите средства се чуваат во финансиска клириншка куќа, е главниот противник на планот, бидејќи се плаши дека Русија ќе возврати.
Поголемиот дел од средствата – околу 193 милијарди евра уште од септември – се чуваат во финансиската клириншка куќа „Евроклир“ со седиште во Брисел. А руската централна банка го тужеше „Евроклир“ минатата недела.
Билјана Ставрова
