Иако немаат право да учествуваат во игрите на среќа, претходното раководство на Државна Лотарија постојано „си добивало седумки и премии“, може да се види во последниот извештај на Државниот ревизорски завод кој открива милионски злоупотреби во компанијата.
Утврдено е дека прво се купувале станови и коли за лотарии, а дури потоа се барала дозвола за организирање на истата таа игра на среќа, десетици илјади евра се потрошени за изнајмување на објекти кои се реновирале и се користеле како магацини, парите од дневниот промет не се уплаќале законски, а ревизорите утврдиле и дека нема снимки од 8 извлекувања на Лото кои биле платени, ама нема доказ дека се снимени и емитувани.
Бројчаникот на злоупотреби се искачи до минимум 2 милиони евра само преку нереално и незаконски водено сметководство.
„Утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490 илјади денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства“, соопшти Државен завод за ревизија (ДЗР).
Лотарија за 5 години, од 2020-та до 2024-та, ги зголемила средствата за реклами и промоција за десет пати односно за над 1000% и лани тие изнесувале 3 и пол милиони евра.
Меѓу најголемите злоупотреби е набавката на ВЛТ терминали за обложување, за што веќе неколку истражувања објави КОД на Телма.
Едно од истражувањата беше за објектот во Визбегово, изнајмен за десет години за 3 милиони евра, а за објектот потоа Лотарија дала пари и да се реновира објектот. А наместо за канцеларии бил користен за магацини и лани е раскинат договорот.
Илјадници евра недостасуваат и од уплатите кои не биле редовно внесувани како дневен пазар. Ревизорите за овие наоди ги известиле надлежните истражни институции.
Беше отворена истрага за набавките на ВЛТ апарати, но осомничените- поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами се во бегство и со распишана меѓународна потерница.
Од Лотарија пак до јавноста се обратија со Демант бидејќи сметаат дека ревизорите не направиле јасна дистинкција меѓу претходното раководство од СДСМ и ДУИ и актуелното кое барало ревизија и откирвање на милионските злоупотреби.
„Таквиот пристап создава погрешна слика во јавноста која доведува до манипулативно поврзување на констатации од различни временски периоди и претставува сериозно отстапување од принципите на објективно, точно и одговорно информирање“, соопштија од Лотарија.
Лотарија бара јасно разграничување на мандатите и откриените злоупотреби. А извештајот отвара многу работа за истражителите на полицијата и обвинителството.
Миомир Серафиновиќ
