Вести Македонија

Предлогот за разрешување на Коцевски утре на дневен ред во Собранието

Владиниот предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се очекува да биде ставен на дневен ред на утрешната пленарна седница на Собранието. Ова денеска го најави претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите. Се очекува поканата за присуство на Коцевски да биде испратена во текот на денот. Од обвинителството велат дека ќе се произнесат по поканата откако ќе стигне на нивната адреса.

Владата ја продолжи постапката за разрешување на Коцевски, откако ја стопираше пред неколку месеци поради истрагата за трагедијата во Кочани и покрај тоа што во меѓувреме и Советот на јавни обвинители претходно даде негативно мислење кое е необрзувачко.

Коцевски минатата среда изјави дека забелешките на Владата за неговото работење се неосновани и најави дека сите аргументи ќе ги каже пред пратениците кога ќе одлучуваат за барањето за негова смена. Работел независно и транспарентно, а со оглед на тоа што има недостаток на обвинители, вработени и средства, успешно гонат криминал.

„Имајќи го во предвид Законот за јавно обвинителство кој има навистина строги услови за разрешување на државниот јавен обвинител. Ниеден од тие услови, од страна на Советот на јавни обвинители, видовте дека не е исполнет. И затоа Советот одлучи дека не е сторена тешка дисциплинска повреда од моја страна. Така да, постапката веќе не зависи од мене и повторно ќе нагласам дека ова е навистина само политичка одлука. Како Собранието ќе одлучи и зошто е политичка одлука, тоа може да се обратите само до политичарите“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Причините на Владата се исти како во февруари дека Коцевски сторил сериозни пропусти, меѓу кои неовластено изнесување информации и нарушување на угледот и функционалноста на Обвинителството. Иако сомнежите на Владата не ги потврди Советот на јавни обвинители сега крајниот збор ќе го имаат пратениците. Гаши информираше и дека новиот државен јавен обвинител би се определил во законскиот рок, а за изборот ќе се објави и конкурс.

Во текот на летото на Коцевски му беше изгласана и интерпелација во Собранието која нема правно дејство. Тој тогаш рече дека законот не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата за државниот обвинител.

Разрешувањето на Коцевски се најде и во извештајот на Европската комисија за владеењето на правото објавен во јули. Во Извештајот, за постапката е констатирано дека има недостатоци во законските норми за разрешување, но и ризик од политизација.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД за првпат употребија морски дронови, Иран ги гаѓаше американските бази во Бахреин и Кувајт – Пакистан повикува на итна деескалација

Sasko Dimovski

Автобус со турски регистарски таблички удри во мотоцикл кај хотелот „Бристол“

Sasko Dimovski

Маж во алкохолизирана состојба ја нападнал сопругата, синот го убил со нож – приведен 31-годишен скопјанец

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе