Македонија, заедно со Србија и Молдавија, бележи најголем реформски моментум во енергетскиот сектор во 2025 година, покажува најновиот Годишен извештај на Енергетската заедница. Во извештајот се наведува дека земјата остварила видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија и во усогласувањето со законодавството на Европската унија.
Енергетската заедница ја оценува позитивно улогата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), посочувајќи ја нејзината проактивност во спроведувањето на Законот за енергетика, мониторингот на раздвојувањето и одобрувањето на тарифи, развојни и годишни планови за енергетските компании.
Посебно внимание во извештајот е посветено и на јакнењето на сајбер безбедноста, при што се нотира примената на правилата за сајбер безбедност и усвојувањето на нови законски решенија. Иако предизвиците остануваат, Енергетската заедница оценува дека реформите претставуваат значаен чекор кон интеграција на регионалните енергетски пазари.
