Четири лица загинаа, а едно се уште се води како исчезнато откако силен бран одвлече група пливачи кои се наоѓале во базен со морска вода долж карпестиот, западен брег на шпанскиот остров Тенерифе, соопштија шпанските власти.
Екипите во неделата пронајдоа три тела на 35-годишен маж, 55-годишна жена и уште еден маж за кого не беа дадени никакви информации, за време на голема спасувачка операција во која беа користени џет-скии и хеликоптери, со цел лоцирање и извлекување на телата.
Четвртата, пронајдена жена, почина денес, еден ден откако беше оживеана на местото на настанот и префрлена со хеликоптер во болница. Не се дадени дополнителни информации за идентитетот на жртвите.
Базенот во Исла Кангрехо, на брегот Лос Гигантес на Тенерифе, е еден од најпопуларните туристички атракции според локалните медиуми. Опкружен со вулканска карпа од едната страна и цементиран од морето од другата страна, базенот се наоѓа речиси на ниво на морето и може да биде многу опасен за време на немирно море кога големите бранови лесно можат да ја совладаат цементната бариера.
Локалните медиуми објавија дека во времето кога пливачите биле однесени од брановите кон морето имало метеоролошко предупредување за немирно море.
Т.Д.
