Вести Свет Топ вести

Калас: САД остануваат најголем сојузник на Европа и покрај новата стратегија

Соединетите Американски Држави остануваат „најголем сојузник на Европската Унија“, изјави високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Таа ова го изјави во врска со новата Национална стратегија за безбедност на САД, која е силно националистичка и во која се предвидува „цивилизациско пропаѓање“ на Европа.

-„САД остануваат нашиот најголем сојузник. Не секогаш имаме согласност за различни прашања, но мислам дека општиот принцип останува непроменет. Ние сме најголеми сојузници и треба да останеме обединети“, додаде таа.

Вчера, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави документ кој ја дефинира „Националната стратегија за безбедност“, во согласност со линијата на Трамп „Америка на прво место“.

Документот остро ги критикува Европејците и ги поддржува тврдењата на крајно десничарските политичари дека Стариот континент се соочува со „цивилизациско бришење“ поради имиграцијата. Исто така, тој ја става под прашање и „бесплодната опсесија со регулаторно задушување“.

Американската стратегија за безбедност, освен тоа, не предвидува проширување на НАТО, со што уште еднаш ги разбива надежите на Украина, која се бори со руската инвазија.

Соединетите Американски Држави се обидуваат да посредуваат во завршувањето на речиси четиригодишната војна на Русија во Украина, цел за која националната безбедносна стратегија вели дека е во витален интерес на Америка. Но, документот јасно става до знаење дека САД сакаат да ги подобрат своите односи со Русија.

Економската стагнација во Европа „е засенета од реалната и поостра перспектива за цивилизациско бришење“, се вели во стратешкиот документ.

САД сугерираат дека Европа е ослабена од нејзините имиграциски политики, намалувањето на наталитетот, „цензурата на слободата на говорот и потиснувањето на политичката опозиција“ и „губењето на националните идентитети и самодовербата“.

„Европа ја потценува својата сила. Во однос на Русија, на пример, треба да имаме повеќе доверба во себе. Наметнувањето ограничувања и пречки пред Украина нема да доведе до траен мир, предупреди Калас. Ако агресијата биде наградена, тоа ќе се случи повторно – не само во Украина или Газа, туку насекаде во светот“, рече Калас.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Изгласан дупот за Барутана кој предвидува изградба на 24 хацијенди на Водно

Kristina Kuzmanovski

Си реков „ако гинеме, ќе гинеме заедно“ – сопругата на Србинот кој висеше од прозор во авионот на „Рајанер“ над Македонија

Sasko Dimovski

Нема повеќе граница меѓу Гибралтар и Шпанија – потпишан историски договор со Брисел

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе