Ирска, Холандија, Шпанија и Словенија соопштија дека нема да учествуваат на следното издание на Евровизија во Австрија, откако денешниот состанок на организаторите заврши со одлука да му се дозволи учество на Израел. Овие земји веќе подолг период инсистираа Израел да биде исклучен од натпреварот поради хуманитарната криза во Газа и сомнежите за манипулации со гласањето.
Ирскиот јавен сервис РТЕ најави дека ќе ја бојкотира Евровизија и дека нема да врши пренос. „Сметаме дека вклучувањето на Ирска би било морално неприфатливо со оглед на трагичните случувања и големиот број жртви во Газа“, се наведува во нивното соопштение.
Шпанија, пак, објасни дека уште во септември донела одлука да не учествува доколку Израел остане дел од натпреварот, нагласувајќи дека нема да го покрива настанот ниту со телевизиски пренос.
Исланд и Белгија засега не донеле конечна одлука и најавија дека дополнително ќе проценат дали ќе се приклучат на бојкотот.
„Разговаравме отворено и искрено, и дебатата беше навистина емотивна. Но, како што покажа исходот, повеќето членки веруваат дека Евровизија не смее да се претвори во политичка сцена и дека мора да се задржи неутралноста“, изјави извршниот директор на натпреварот, Мартин Грин.
Во изминатиот месец, Европската радиодифузна унија го заостри системот за гласање, по критиките дека Израел го подобрил својот пласман на годинашната Евровизија во Швајцарија преку обемна платена кампања за влијание врз резултатите.
T.Д.
