Во претпоследната недела од ноември регистрирани се 91 случај на грип или заболувања слични на грип. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, бројката е пониска за 22 проценти во однос на претходната недела, но речиси 45 проценти повисока споредено со истиот период лани. Најмногу заболени има во Гостивар 35 случаи, а по него следат Тетово, Штип и Струмица со по 11 пријавени.
Во Куманово, Прилеп, Скопје и другите градови бројот е под десет. Најзасегната е популацијата од 15 до 64 години, со вкупно 71 заболен. Евидентирани се и 13 случаи кај лица над 65 години, седум деца на возраст од 5 до 14 години, а кај децата до четири години нема регистрирани заболувања.
И покрај порастот во однос на минатата сезона, инциденцата од 5 заболени на 100.000 жители е под сезонскиот праг од 22 на 100.000. Од ИЈЗ нагласуваат дека државата се уште не влегла во сезоната на грип.
„Се забележува варијација на бројот и инциденцата на заболувања слични на грип на неделно ниво, но истиот останува на меѓусезонско ниво. Во текот на претходната недела регистрирани се првите случаи на грип, но процентот на позитивност останува под 10%. Согласно овие податоци активноста на вирусот на грипот сè уште има спорадична активност и низок интензитет на циркулирање“, се вели во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во тек е и вакцинација против сезонски грип. Министерството за здравство обезбеди 80.000 бесплатни дози за приоритетните групи и дополнителни 2.400 комерцијални вакцини преку центрите за јавно здравје. Комерцијалните дози се достапни и чинат 700-тини денари.
„Вкупно во Македонија вакцинирани се 75.115 лица со бесплатната и 1.894 лица со комерцијалната вакцина“, се вели во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во пресрет на очекуваниот раст на бројот на случаи, здравствените власти повторно апелираат на почитување на основните мерки за заштита, односно избегнување затворени и преполни простории, често миење и дезинфекција на рацете, редовно проветрување и здрава исхрана богата со витамини. Особено ранливи остануваат постарите лица и пациентите со хронични заболувања. Изминатата недела е регистриран и еден случај на коронавирус во државата.
Симона Петровска
