Се повлекува водата од дворовите и подрумите на жителите од селата Чешиново, Облешево, Спанчево и Чифлик, каде што вчера од надојдените води на Кочанска река и на каналот за наводнување беа поплавени.
Голем дел од мештаните имаат свои бунари за вода за пиење, но поради мешање на атмосферската вода и канализацијата не можат да ја користат и затоа во овој момент за населението му е потребна питка вода за пиење.
Градоначалникот на Чешиново Облешево, Јорданчо Костадинов вели дека мора да се изврши и дезинфекција во поплавените населени места, а потребна е механизација за да исчисти коритото на Кочанска река.
Но освен штети по домовите на мештаните, поплавите предизвикаа и штети на посеаните житните култури и на несобраниот ориз од нивите, бидејќи околу 30% од површините се уште не се ожнеани.
Не е прв пат да се поплавуваат населените места во Општина Чешиново-Облешево.
Неисчистените речни корита и канали се причина што надојдената вода се излева од нив, велат мештаните, затоа е потребно секоја година надлежните локалните и државни институции да ги чистат со градежна механизација.
Викторија Димитрова Јованова
