Магијата е во знаењето, но нема магична формула како да се направи квалитетно образование.
Потребна е максимално вложување од сите вклучени страни.
Факултетите да продуцираат квалитетен наставен кадар, наставниците да бидат компетентни за својата работа, а родителите да се подготвени да соработуваат за најдобри резултати на децата.
Но, универзитетската професорка Ана Рингачева смета дека честопати има прекин на комуникацијата токму во таа релација.
„Реалниот проблем што го имаат денеска наставниците па и јас како дел од таа фела е проблемот на релација училиште-родители-наставен кадар. Новите генерации растат во поинакви услови, генерации кои општат со современата технологија а не се подготвени да ги селектираат информациите на коишто наидуваат. И кога треба во училиштето да ги воочиме девијантните појави тогаш има реакции од родителите. Постојано повикувајќи се на правата на децата”, – вели Ана Рингачева, универзитетска професорка.
Во време на брз технолошки развој не е лесна улогата и на родителите. Мери Костуранова, која е и претседател на совет на родители во струмичката гимназија, вели дека може да влијае само на тоа како нејзиното дете ќе се однесува кон и во училиштето.
„Како тоа да гледа на сопственото образование. Не потрага по петки туку потрага по сопствен раст. Ние треба да следиме и поддржуваме и да даваме поддршка во тој процес. Семејството е местото каде што почнува сѐ, каде детето се гради во личност и продолжува во училиште, на факултет и така натаму. Ако ги поддржуваме децата, ги крепиме, ги туркаме понатаму”, – вели Мери Костуранова, претседател на совет на родители во струмичката гимназија.
Министерката за образование, Весна Јаневска пак вели дека веќе се преземаат чекори за поквалитетно образование базирано на знаење а не на оценки.
„Послабата оценка не е казна. Послабата оценка не е казна, таа треба да е мотив да псотигне повисоки цели, ако е тоа задоволно ќе биде и цело општество. Има неколку мерки кои досега сме ги преземале. На пример со е дневникот, со разни програми со кои се обидуваме да влијаеме“ – вели Јаневска.
Овие теми денеска се дискутираа во Струмица пред наставниците од основните и средните училишта како дел од кампањата „Магијата е во знаењето” на Министерството за образование и наука.
Сузана Мицева
