Поплавени дворови, подруми, ниви со неожнеан ориз и посеани житни култури е сликата во селата во Општина Чешиново-Облешево, откако се излеа Кочанска река.
Најкритично е во селата Облешево, Спанчево, Чешиново и Чифлик. Дворовите во долниот дел на селото Облешево се поплавени, а куќите се со влага.
Осумдесет годишната Маре Атанасова со гумени чизми и со гребула во раката се движи низ поплавениот двор. Вели не е прв пат да ги поплавува Кочанска река и неисчистените канали за наводнување.
Со градежна механизација и со пумпите на кочанската територијална противпожарна единица се санираат штетите, но и не се дозволува водата од каналите и реките да влезе во селата. Кризниот штаб на Општината Чешиново-Облешево е на терен, а градоначалникот побара помош и од државните институции за да се справат со поплавите во населените места.
Жителите на село Чешиново, на коишто со градежни машини им се тампонираат дворовите велат дека причина за поплавите во нивното село се неисчистените канали.
Во понеделник ќе се формира Комисија, а граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат штети.
Викторија Јованова
