Оливер Спасовски останува координатор на пратеничката група на СДСМ, потврди лидерот на опозициската партија, Венко Филипче.
Прашан за неодамнешната изјава на Спасовски дека понудил оставка од функцијата координатор на пратеничката група на СДСМ, Филипче рече дека тоа се случило меѓу двата изборни круга, а причина била техничко недоразбирање, кое во меѓувреме било расчистено.
Ја разбирам неговата реакција во однос на тоа прашање поради тоа што тоа доведе до една таква непријатна ситуација, која што не беше ниту намерна, ниту тенденциозна. но, поразговаравме и по расчистувањето на тоа недоразбирање, сепак Оливер Спасовски ќе остане координатор на пратеничката група, рече Филипче.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, неодамна изјави дека понудил оставка во моментот кога требало да се поднесе резолуцијата до собранието за Бугарија.
Тој додаде дека е точно дека барал да биде сменет од функцијата координатор на пратеничката група, но тоа било за предлогот на партијата за стратегија на црвени линии во спорот со Бугарија со усвојување на истата во парламентот.
Тој бил против таков чекор од партијата.
Филипче најави дека во текот на следната недела ќе заседаваат партиските тела, и ќе бидат назначени двајца нови потпретседатели, а ќе има измени и во извршниот одбор.
Н.И
