Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски поднесе оставка, откако утринава двете антикорупциски агенции извршија претрес во неговиот дом и канцеларијата во Киев.
Оставката ја потврди Зеленски, кој свесен за политичката ситуација која го примора Јермак да се повлече, повика на единство, порачувајќи дека ништо не смее да го одвлече вниманието на Украинците од одбраната на татковината.
Кога се соочуваме со таков надворешен притисок како војната, мораме да останеме внатрешно силно. 100 проценти од нашата сила мора да биде фокусирана на одбраната на Украина. Сите мора да се однесуваат на таков начин, во интерес и одбрана на државата, рече зеленски.
Јермак беше еден од најстарите соработници на Зеленски, и изминативе неколку години, како шеф на кабинетот на претседателот успеа да акумулира значително политичко влијание во Украина.
Зеленски долго време одолеваше на повиците да го разреши и остануваше глув на бројните критики против Јермак.
Но, не можеше да остане имун на политичкиот притисок врз него поради корупцискиот скандал кој веќе неколку недели ја тресе земјата, иако Јермак засега официјално не се сомничи за ништо.
Благодарен сум му на Андриј што секогаш ги претставуваше украинските позиции во преговорите на вистински начин. Тоа отсекогаш беше патриотска функција. Но, не сакам да има никакви гласини или шпекулации. Што се однесува до новиот шеф на кабинет, утре ќе одржам консултации со тие кои можат да ја водат оваа институција, изјави зеленски.
Украинската јавност, но и политичките опоненти го сметаат Јермак како главниот архитект на обидот за ограничување на овластувањата токму на двете антикорупциски тела кои ги извршија претресите денеска, Националното биро за антикорупција и Канцеларијата на специјалниот обвинител.
Одлуката беше донесена од Зеленски, но украинскиот претседател мораше да се повлече по масовните протести кои избувнаа ширум земјата, како и жестоките критики од западните сојузници на Украина.
Игор Трајков
