Македонската кошаркарска репрезентација стартуваше со победа во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година ткако без поголеми проблеми убедливо ја совлада селекцијата на Азербејџан. Следен предизвик за нашиот тим е Република Ирска.
Избраниците на селекторот Марјан Илиевски уште од стартот наметнаа свое темпо на игра и првата четвртина ја добија со 22-13. Продолживме да го полниме кошот на Азербејџан па на полувремето заминавме со предност од 19 поени разлика или 40-21. Третиот период не донесе некоја поголема промена во распоредот на силите, па Македонија ја зголемуваше разликата до +27. Немаше попуст за гостите ни во последните 10 минути, па конечниот резултат гласеше 87-49 или победа од 38 поени разлика.
Андреј Јакимовски имаше 25 поени со 11 скокови, Лејсон Зеќири постигна 17, а Војдан Стојановски го заврши дуелот со 16 поени и 11 скокови. Новиот натурализиран Американец, Омари Мур запиша шест поени, шест скока и девет асистенции.
Во следното 2.коло, во недела, Македонија гостува кај Република Ирска. За потсетување, нашиот тим треба да го освои првото место за да се пласира во следната фаза од квалификациите за Евробаскетот, а таму ќе се квалификува и најдобрата второпласирана селекција од трите претквалификациски групи.
Фото: Кошаркарска федерација на Македонија
