Процесот на гласање за локалните избори се одвиваше мирно и уредно во сите општини, е првичниот впечаток на Вреди што го сподели портпаролот Дритон Сулејмани на прес-конференција од седиштето на партијата по затворање на избирачките места во 19 часот.
Според информации од терен, како што рече, процесот бил реализиран без поголеми неправилности и се заблагодари на сите граѓани кои денеска учествуваа во гласањето, докажувајќи висока демократска и граѓанска свест.
„Ова е слика што ја посакуваме за нашата земја, еден фер и мирен процес, кој покажува дека демократија се зајакнува и дека граѓаните се свесни за тежината и значењето на нивниот глас. По еден мирен и демократски ден, очекуваме победи во секоја општина кои ќе ја одразат довербата во нашата визија за работа и развој“, рече Сулејмани.
Од Државната изборна комисија (ДИК), додаде тој, се очекува фазата на затворање на избирачките места и броење на гласовите да се спроведе со целосна транспарентност, прецизност и професионалност и во согласност со законот.
С.Д.
