Членовите на Европскиот парламент денеска на последниот ден од овонеделната пленарна сесија во Стразбур во одвоени гласања ќе се изјаснат по двете инцијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен.
Гласањето следи откако во понеделникот европратениците одржаа дебата по иницијативите за недоверба предложени од десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ) и од екстремно левичарската Левица.
Образложувајќи ја иницијативата на својата група, претседателот на ПФЕ, Жордан Бардела порача дека гласањето против Европската комисија нема да ја уништи Европа, туку ќе ја спаси.
– Тоа е глас против Европа на Макрон, против Европа на Фон дер Лајен, а пред се тоа е глас за опстанок на Европа на слободните нации, рече Бардела.
Тој оцени дека под водство на Фон дер Лајен, Европската Унија се движи брзоплето и безглаво без да знае каде оди, а дополнително Еврокомисијата продолжува со политиката на „смешното проширување на ЕУ“.
Бардела обвини и дека со склучувањето на договорите за трговија со МЕРКОСУР и САД, Еврокомисијата потпишала „трговско предавство на Европа“, а дека со нејзините илјадници нови законски акти ја направила ЕУ „светски шампион во бирократијата“.
Копретседателката на Левицата, Манон Обри, пак, образложувајќи ја иницијативата на нејзината група истакна дела Фон дер Лајен мора да замине од функцијата затоа што „капитулирала“ пред американскиот претседател Доналд Трамп, поддржувајќи го неговиот „неоклонијален план за Газа“ и ја довела Унијата во вазална позиција правејќи економски отстапки во корист на САД.
– Вие одбивате да ги прекинете трговските односи со Израел и да воведете ембарго за оружје, во време кога го разгледуваме 19-тиот пакет санкции кон Русија, рече Обри.
Фон дер Лајен пак обвини дека противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија.
Според неа, токму рускиот претседател Владимир Путин не ја крие својата радост и поддршка за она што за него го работат сите негови послушни пријатели во Европа.
Тоа е најстариот трик – сеење поделби, ширење дезинформации, правење жртвено јагне. Сето тоа, за да ги сврти Европејците едни против други. Да го спуштиме нашиот гард додека се бориме едни против други. Да ја ослабнеме нашата решителност и нашата отпорност. Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа, нагласи Фон дер Лајен.
– Верувам дека ова е заедничка одговорност што ја имаме сите во овој опасен момент од нашата историја. И знам дека овој Дом е подготвен да ги преземе своите одговорности да испорача за Европејците кога е најважно. И можете да сметате на мене и на оваа Комисија да ја споделиме таа одговорност со вас. Пораката што ја испраќаме сега ќе одекне низ Европа и пошироко и верувам дека таа порака мора да биде порака за единство дека Европа стои заедно и дека заедно испорачува, додаде Фон дер Лајен во обраќањето.
За да бидат прифатени, иницијативите треба да добијат поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници или во моментов најмалку 360 гласа. Ова е второ гласање за недоверба на Еврокомисијата за помалку од три месеци.
