Речиси 60 лица загинале, а стотици се повредени во силен земјотрес што доцна синоќа, по локално време, го погодил централниот дел на Филипините, соопштиле службите за управување со катастрофи, пренесуваат светските медиуми.
По потресот, кој бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, властите во градот Бого и другите погодени подрачја и општини погласиле состојба на катастрофа, додека надлежните служби и понатаму ги проценуваат штетите од земјотресот, пренесува Би-би-си.
Инаку, според информациите, земјотресот го погодил брегот на градот Себу, кратко пред 22 часот по локално време, односно 15 часот според средноеропско време, предизвикувајќи прекини во електричната енергија и оштетувајќи згради.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија го отповикал предупредувањето за цунами, издадено претходно, наведувајќи дека „сите ефекти предизвикани од мали нарушувања на нивото на морето во голема мера поминале“.
Градот Себу се наоѓа во регионот Висајас и во него живеат речиси еден милион жители.
Според државната агенција за вулканологија, најмалку 611 последователни афтершокови биле почувстувани во регионот по главниот потрес.
Жителите во областите погодени од земјотресот во изјави за Би-би-си рекле дека ноќта ја поминале на улиците. Филипините се многу ранливи на природни катастрофи, бидејќи се наоѓаат на геолошки нестабилниот „огнен прстен“ и се на патот на тајфуните што секоја година доаѓаат од Тихиот Океан.
