Повици за коректна предизборна кампања и покажување политичка култура на ден пред почетокот на кампањата за локалните избори кои треба да се одржат на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 недели подоцна, односно на 2 ноември.
Вообичаено е, со почетокот на кампањата, интензитетот на политичките пораки да се зголемува и реториката да се заострува. Претседателот на ДИК повикува на почитување на законите, а претседателот на Собранието на кампања без заплашувања, притисоци и навреди.
Предизборната кампања пред првиот круг започнува утре и ќе трае до 17 октомври, кога почнува изборниот молк.
Претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко вели дека Комисијата е подготвена за спроведување на изборниот процес. Во интервју за МИА, тој вели дека во интерес на сите е изборите да поминат во коректна демократска атмосфера.
„Вообичаено е на секои избори да имаме различна реторика, меѓутоа тоа е избор, пак, ќе речам на учесниците на изборите, на политичарите, на кандидатите и на партиите како ќе им пристапат на граѓаните. Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат. Коректно е изборната кампања да биде со почитување и на политичкиот противник но и, пред сè, со почитување на законските прописи и тоа не само оние што предвидено со Изборниот законик, туку и оние што се наменети за учесниците од страна на сите други институции кои надлежни да го контролираат текот на изборите, трошењето на средствата, начинот на кој се однесуваат кандидатите, политичките партии итн“, вели Кондарко.
Во денешното видео обраќање, претседателот на Собранието Африм Гаши ги повикува сите политички субјекти, кандидати, институции, медиуми, но и граѓаните да покажат висок степен на политичка и граѓанска култура.
„Да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси. Политичката трка треба да се одвива во духот на една здрава демократија. Да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања. Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност“, вели Гаши.
За градоначалници и членовите на Советите во 80 општини и Градот Скопје ќе се натпреваруваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи избирачи, односно независни кандидати. Во избирачкиот список има 1 832 415 гласачи, но околу 112 илјади од нив се одјавени зашто се во странство. Со оглед на тоа што за локални избори нема гласање во дијаспората, ако сакаат да гласаат ќе мора да дојдат во Македонија.
Срѓан Стојанчов
