Сликата со ѓубрето во главниот град насекаде е различна – на едни места контејнерите се преполни и внатре и надвор, на други ѓубрето е собрано, но околу контејнерите останале насобрани кеси и отпад, а има локации каде што се е чисто и уредено.
Граѓаните велат дека вината е поделена – од една страна отпадот не се селектира и често фрлаат се во најблискиот контејнер, вклучително и душеци и градежен шут на кој таму не му е место. Но, од друга страна сметаат дека и надлежните служби мора да бидат поажурни и посериозно да ја извршуваат својата работа. Се сомневаат и во политичка позадина на проблемот.
„Мора да стекнеме дисциплина и да почнеме да селектираме. Пластиката да остане внатре во континејрите да не се вади надвор од нив, па други да ја земат и да ја продаваат. Имаме многу за поправање во земјата“, смета жителка.
„Некогаш го собираат ѓубрето, некогаш не. Денес го собраа сметот, но улиците се многу валкани треба и тие да се исчистат“, додава друга жителка.
„Ова сега што се случува во последен период мене ме наведува и на други размислувања. Наеднаш се појавија многу проблеми и продолжија да се нижат. Од пожари, до ѓубре.. Се изгледа како намерно да се прави тоа“, заклучува граѓанка.
Според информации на Телма проблемите сè уште подлабоки. Старите и дотраени возила на ЈП „Комунална хигиена“ не се сервисираат и не се набавуваат нови. Сегашните камиони се користат со години, без прекин, во сите три смени, што дополнително ја отежнува состојбата со собирањето отпад. Официјално од претпријатието негираат дека ова е главниот проблем и тврдат дека се фрла премногу ѓубре и дека не можат да постигнат со чистење.
Но, одржувањето на чистотата не е единствен проблем. Денес, со свирежи пред Градското собрание, протестираа вработените од ЈП „Паркови и зеленило“. Незадоволни се бидејќи сè уште не ја добиле платата за август. Не им е исплатен ниту регресот за 2022 година, ниту новогодишните награди. Бараат редовна исплата на платата најдоцна до 15-ти во месецот, а предупредуваат дека протестите ќе продолжат ако нивните барања не бидат исполнети.
„Веќе е крај на месец септември, а ние сè уште немаме земено плата за август. Ние бараме Град Скопје да ни ги обезбедат сите примања, изјави Горан Ристевски, претседател на Независен Синдикат на Државна Администрација.
Од Град Скопје, велат дека надлежноста за исплатите и работните активности е на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а одлуките ги носат Управниот и Надзорниот одбор избрани од Советот на Град Скопје. Порачуваат сите одговори да се бараат во Паркови и зеленило.
Ова не е прв пат работниците од „Флораком“ и „Луна“ – фирми ќерки на „Паркови и зеленило“ да протестираат поради неисплатени плати.
Тамара Марковска
