Во своето прво шоу откако се врати во етерот, Џими Кимел изрази жалење за неговиот коментар по убиството на Чарли Кирк, без при тоа да се извини, но и дополни дека одбива да се повлече пред своите критичари, пред се Доналд Трамп.
Внимателно бирајќи ги зборовите кои доведоа до кусата суспензија на неговото шоу на телевизијата „ЕЈБИСИ“ од компанијата Дизни, емотивниот Кимел, задржувајќи ги солзите, изјави дека неговата намера никогаш не била да се шегува со убиството на еден млад човек, мислејќи на контроверзниот конзервативен инфлуенсер, Чарли Кирк.
Повлекувањето на шоуто, по истата одлука за шоуто на Стивен Колбер, го покрена прашањето за заштита на првиот амандман на американскиот устав, кој ја гарантира слободата на говорот.
Очекувано, претседателот Трамп бесно реагираше на враќањето на шоуто на Кимел. Ова можеби е крајот на суспензијата на Кимел, но најверојатно и почеток на следната фаза во сѐ полошите односи меѓу претседателот и медиумите, особено оние одбиваат само со комплименти и пофалби да ја коментираат неговата работа.
„Претседателот на Соединетите држави многу јасно стави до знаење дека сака да види како јас и стотиците луѓе кои работат тука, сите да добиеме отказ. Нашиот лидер прославува кога американците остануваат без работа, затоа што тој не може да прифати шега на своја сметка. Некако успеа да го отстрани Колбер од CBS, потоа ме нападна мене и сега отворено притиска NBC да им даде отказ на Џими Фалон и Сет Мајерс и стотиците американци кои работат на нивните емисии, кои не заработуваат милиони долари. Се надевам дека ако тоа се случи или има макар и мало навестување дека тоа ќе се случи, ќе бидете десет пати погласни од што бевте оваа недела“, изјави Џими Кимел, водител на комично ТВ шоу.
