Вести Свет Топ вести

Рубио и Нетанјаху: За сѐ е виновен Хамас

За сѐ е виновен Хамас и сите заложници мора да се вратат во Израел. Ова е заедничката порака од прес-конференцијата на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху и шефот на американската дипломатија, Марко Рубио. Рубио во Ерусалим дојде во обид за контрола на штетата од израелските напади врз Доха, по што властите во Катар побараа да престанат двојните стандарди и Израел да биде казнет за тоа што го прави.

„Не го заборавајте 7-ми Октомври, не го заборавајте Аламо“  ова е пораката од американскиот претседател, Доналд Трамп, која на денешната прес конференција во Ерусалим со шефот на американската дипломатија, Марко Рубио, ја цитираше израелскиот Премиер, Бенјамин Нетанјаху, чија владата речиси две години безмилосно и систематски ја уништува Газа, под изговор дека се бори против Хамас.

Заблагодарувајќи се на огромната американска поддршка, Нетанјаху, кој од меѓународниот кривичен суд се бара за воени злосторства и злосторства против човештвото за ужасите во Газа, во согласност со израелската пропаганда, секоја критика на неговата екстремно десничарска влада ја поистовети со анти-семитизам.

„Вашето присуство денеска во Израел е јасна порака дека Америка го поддржува Израел. Не поддржувате во борбата против тероризмот, како и против неверојатните, би рекол и речиси средновековни лаги кои се насочени против нас. Растечкиот анти-семитизам во светот и пред сѐ, слабите влади кои вршат притисок врз нас, затоа што попуштаат под притисокот на исламистичките малцинства и неверојатното клеветење“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Рубио од своја страна, ги повтори ставовите на американската дипломатија, односно за сѐ е виновен Хамас и додека не се вратат заложниците, не може да почне некаква подобра иднина за Газа.

„Сите 48 заложници, живи и мртви, треба да се вратат дома, треба да бидат вратени, никогаш не требаше ниту да бидат земени. Тоа што се случи на 7-ми октомври беше чин на варваризам без преседан и тоа што се случи потоа, беа повторени чинови на варваризам од страна на Хамас. Хамас треба да престане да постои, како вооружен елемент, кој може да се заканува на мирот и безбедноста во регионот и луѓето во Газа заслужуваат подобра иднина, но таа подобра иднина не може да почне се додека Хамас не е елиминиран“, рече Марко Рубио, американски државен секретар.

Тоа што Рубио не го спомена, е фактот дека последниот пат кога политичките претставници на Хамас, се обидоа да го разгледаат мировниот предлог на Трамп, во Доха, Катар, Израел жестоко ги бомбардираше во обид да ги елиминира. Американските претставници само порачаа дека не биле среќни заради Израелските напади и сѐ си продолжи како претходно.

Но, токму на прашањето на Израелската војна во Газа, најдобро се гледа немоќта на обидите да се запре воената машинерија на еврејската држава. Администрацијата на Трамп и натаму непоколебливо го поддржува Израел, со својата надворешна политика, но пред сѐ, со својата воена индустрија. Со таа помош, Израел продолжува со безмилосното, систематско уништување на цивилната инфраструктура во Газа.

“Почнавме да ја посакуваме смртта, смртта повеќе од овој живот кој го живееме. На нашите млади луѓе им се ампутирани рацете, нашите жени станаа вдовици, нашите деца станаа сираци, нашите животи се пеколни. Денеска живееме во пекол, во пекол. Каде е религијата, Исламот и Муслиманите? Каде се христијаните?“ изјави Ашраф Елван, раселен од градот Газа.

Повеќе од 64 000 Палестинци досега се убиени во израелските напади врз Газа а речиси половина од нив се жени и деца. Израелските воени операции во Газа, најголемите хуманитарните агенции на ОН, но и израелските невладини организации, ги опишаа како обид за геноцид на Палестинците.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Турски суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Kristina Kuzmanovski

Претставничкиот дом на САД гласаше за укинување на летно и зимско сметање на времето

Sonja Petrusevska

СДСМ: Дали Мицкоски и за ослободувањето на Груевски имаше чувство?

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе