„Власта создава можност за злоупотреби на локалните избори наесен“ – лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со остар одговор до премиерот Мицкоски.
Премиерот вчера ги обвини социјалдемократите дека заедно со интегративците кројат таен план за хаос на изборите, за политичка магла и манипулација.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз денеска во изјава за Телма, упати контра-обвинувања до премиерот – „Владата намерно чекаше до последен момент да предложи измени на Изборниот законик“.
„За жал, отвораат можност да се злоупотребат изборите. Власта чекаше до последниот момент, даде предлог на закон откако изборите беа распишани. За жал не направија ништо ниту да се обидат тој закон да помине во парламентот. Не дојдоа сите пратеници од коалицијата од Влен, од делот на националностите. Не се ни обидоа да го обезбедат Бадентеровото мнозинство иако ние како СДСМ дадовме поддршка за тој процес. Посегаат по инструменти коишто сериозно може да го загрозат изборниот процес, да го загрозат аспектот на демократијата во целокупниот процес и тоа е нешто што ние будно ќе го пратиме и соодветно ќе реагираме“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Премиерот вчера зборуваше за смислено и координирано сценарио помеѓу поранешните владини коалициски партнери СДСМ и ДУИ и кажа дека „со инфлација на независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес“.
Потоа, интегративците на Ахмети возвратија дека „изјавите на премиерот се чисти клевети, обид да се сокрие кризата на легитимитет на неговата моноетничка Влада, но и опасни бидејќи се поттик за етнички судири“.
Мицкоски денеска го отфрли предупредувањето на интегративците.
„Јас не само што ја отфрлам пораката и она што го рефлектираше Демократската унија за интеграција како резултат на мојот говор при отворањето на овој фантастичен настан кој го организираше ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку морам да признаам дека и голем дел од претставниците на меѓународната заедница во текот на вчерашниот ден ми се јавија и вчудоневидени – нормално, негативно ја коментираа онаа порака што доаѓа од ДУИ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Од ДУИ, пак, и денеска со порака – Албанците овие избори ги гледаат како референдум, напиша кандидатот за Чаир, Бујар Османи, на социјалните мрежи.
Петар Догов
