Министерот за здравство Азир Алиу во понеделник ќе се сретне со кардиологот Сашко Кедев, информираше тој за Телма. Кажа и дека веќе е комплетиран експертскиот тим од тројца странски лекари, но не ги откри државите. Засега се знае само за договорот со словенечкиот кардиолог. Тричлената комисија ќе ги проверува обвинувањата на Кедев дека во приватните болници се правеле непотребни операции на срце само за да се земат државни пари.
„Во понеделник ќе имам состанок со Кедев. Екипата е комплетирана, штом административно завршиме со процедурите ќе ве информираме“, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Алиу на пресконференцијата завчера беше одлучен дека надзорот ќе оди по брза постапка, независно што државата е во предизборие.
Во јавноста веќе неколку дена трае жестока дебата – дали и кој профитира на штета на здравјето на пациентите? – Кедев обвини дека приватните клиники вршеле ризични и непотребни операции на отворено срце, за да земат пари од Фондот за здравство. За овие тврдења тој вели дека има и конкретни докази.
Вчера се огласи и Лекарската комора. Оттаму велат дека изминатите неколку години имале над 200 вонредни надзори во кои не откриле неправилности. Досега комората не примила претставка за непотребно извршена операција.
Фондот за здравство на двете најголеми приватни болници во Скопје минатата година им исплатил околу 17 милиони евра за речиси 2.500 интервенции.
Во меѓувреме, приватна болница Систина најави тужба против Кедев, ако не каже за која установа има докази. Кедев, пак, возврати дека тоа ќе биде шанса конечно да се открие вистината за приватното здравство.
Тамара Марковска
