Се зголемува притисокот врз Израел од меѓународната заедница поради начинот на кој ја води воената операција во Појасот Газа, откако синоќа и Канада објави дека во септември ќе ја признае палестинската држава. Канадскиот премиер Марк Карни соопшти дека признавањето ќе зависи од неколку услови кои палестинската самоуправа ќе треба да ги исполни.
„Оваа намера е условена со посветеноста на Палестинската самоуправа за спроведување на неопходните реформи, вклучувајќи ја и посветеноста на претседателот Абас да ја реформира својата администрација, одржување на избори во 2026 година на кои Хамас не смее да учествува. И демилитаризирање на палестинската држава“, образложи канадскиот премиер, Марк Карни.
Приклучувањето на Канада кон Велика Британија и Франција кои, исто така, најавија признавање на палестинската држава, ги остава САД во изолирана позиција во поглед на безусловната поддршка за Израел. Поради тоа, Трамп ја предупреди Отава дека канадскиот став во врска со палестинската држава го загрозува постигнувањето трговски договор со САД. Со децении претходно САД беа тие кои ги предводеа сите дипломатски напори за постигнување на дипломатско решение меѓу Израел и Палестинците преку прифаќањето на т.н предлог за две држави. Децении стар предлог кој владата на Нетанјаху категорично го одбива, а се чини дека и САД под Доналд Трамп ја менуваат својата позиција.
„Одбивањето на решението за две држави од страна на владата на Нетанјаху е погрешно. Морално и стратешки погрешно. Им штети на интересите на израелскиот народ, одбивајќи го единствениот пат кон праведен и одржлив мир. Затоа ние сме одлучни да ја заштитуваме остварливоста на решението за две држави“, изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.
Но, притисокот кој меѓународната заедница засега го врши врз Израел е недоволен да ја подобри хуманитарната ситуација во Појасот Газа, кој е под непрекината опсада по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Израелската блокада попушти, дозволувајќи зголемување на бројот на камиони со помош кои влегуваат во Газа. Тел Авив соопшти дека вчера во појасот биле испорачани 240 камиони хуманитарна помош и две цистерни со гориво, но ООН предупредуваат дека таа количина е само капка во океанот.
„Ситуацијата е лоша, но фала му на Бога успеав да земам. Земаме храна ризикувајќи ги сопствените животи. Има пукање, смрт, ситуацијата е исклучително лоша“, вели Абу Мухамад, раселен Палестинец.
Повеќе од 50 палестински цивили денеска загинале, а 400 биле повредени вчера додека чекале да добијат хуманитарна помош во близина на граничниот преми во северниот дел на Појасот. Хамас обвини дека израелските војници отвориле оган кон толпата која ги опколила камионите со хуманитарна помош, додека пак израелската армија тврди дека војниците само пукале во воздух.
Игор Трајков
