Австралиската влада ќе воведе нови и построги правила за користење на социјалните мрежи, според кои сите платформи, вклучувајќи го и „Јутјуб“ ќе мора да се осигураат и да докажат дека нивните корисници имаат најмалку 16 години. Новите ограничувања ќе стапат на сила од 10 декември оваа година, со цел да се заштитат децата од штетни влијанија и содржини на интернет.
Доколку не преземат „одговорни чекори“ за да спречат малолетни лица да отвораат профили, платформите ќе се соочат со казни до 50 милиони австралиски долари (приближно 33 милиони американски долари). Иако мерките кои се очекуваат од платформите сè уште не се детално прецизирани, властите нагласуваат дека корисниците нема да мора да приложуваат лични документи како пасош или возачка дозвола за потврда на возраста.
Првично, платформата „Јутјуб“ беше изземена од овие ограничувања кога лани беа донесени законите, но со новите регулативи, платформата ќе се третира исто како „Фејсбу“, „Инстаграм“, „Тикток“, „Снепчет“ и „Х“. Децата ќе можат да гледаат содржина на YouTube, но нема да им биде дозволено да имаат сопствени профили.
Министерката за комуникации Аника Велс изјави дека владата не се плаши од правни предизвици од страна на сопственикот на „Јутјуб“ која е под сопствеништво на „Алфабет“. Таа го оправда проширувањето на забраната како неопходна мерка за заштита на менталното и физичкото здравје на младите.
Премиерот Ентони Албанезе најави дека Австралија ќе ја промовира оваа иницијатива на глобално ниво, почнувајќи од претстојниот форум на Обединетите нации во Њујорк, каде ќе бара меѓународна поддршка за забрана на пристапот на деца до социјални медиуми.
Ослободени од овие ограничувања ќе бидат апликации за пораки, онлајн игри, како и едукативни и здравствени апликации, кои се сметаат за помалку ризични.
Мерката е дел од поширока стратегија на австралиските власти за справување со негативните ефекти врз младите, меѓу кои се зависност од екрани, нарушувања во спиењето, социјална изолација и изложеност на штетна содржина.
