Француски производител на шампањ изрази загриженост откако САД и ЕУ постигнаа трговски договор што предвидува воведување 15% царина на повеќето производи, вклучително и виното.

Антоан Шевалје, сопственик на куќата за шампањ Antoine Chevalier, изјави дека новата мерка ќе ги зголеми цените и ќе внесе несигурност кај увозниците.

„Оваа царина од 15% е проблематична за мене. Го зголемува финалниот трошок и ги оптоварува моите партнери во САД,“ вели Шевалје.

Извозот на шампањ кон американскиот пазар сочинува четвртина од неговиот бизнис. Тој ја нарече мерката „тешка топка за нога“ и изрази жалење што преговорите не биле поправедни.

И покрај грижите, Шевалје не верува дека американските потрошувачи целосно ќе се откажат од француската гастрономија. Ако ситуацијата се влоши, додава тој, производителите би можеле да се свртат кон други пазари како Европа, Јапонија и Јужна Кореја.

Договорот беше постигнат во неделата, при што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека тој ќе донесе „стабилност и предвидливост“ за деловните субјекти.
