Uncategorized Вести Македонија Топ вести

Никој не сака во име на Владата да става смајлиња и лошковци на новинарските и медиумските известувања, но распишан е нов тендер

Пропадна тендерот на владината Служба за општи и заеднички работи на која се бараше фирма која со софтвер ќе ја следи работата на медиумите и ќе ги оценува новинарските извештаи и стории како позитивни, неутрални и негативни. Владата не се откажа од оваа моќна алатка, туку на тендерот не се пријавила ниту една фирма.

Откако првиот обид не помина и поништувањето беше објавено на 22-ри април, само три дена подоцна, минатиот петок СОЗР распиша ист таков оглас повторно. Се бараат истите работи. Оценка на новинарски текстови и објави на социјални мрежи и проценка на карактерот на напишаното, како во првиот оглас.

-Услуга за мониторинг (медиа клипинг) е услуга која треба да обезбеди редовно и навремено следење на елекстронските (ТВ), печатените (весници, списанија, магазини), интернет медиумите (он-лајн медиуми, портали, агрегати итн) и социјалните мрежи (Фејсбук, X, Инстаграм, Јутјуб, ТикТок, Линкедин итн) на македонски и албански јазик во Република Северна Македонија, стои во огласот за тендерот.

Цената на услугата повторно не е наведена и во новиот оглас, но извештаите се наменети за триесет државни институции. СОЗР претходно објави дека огласот е планиран со годишниот план за јавни набавки и е наменет за подобро информирање на институциите. Од друга страна, идејата за такво владино оценување на новинарските содржини, од фелата и експертите се гледаше како ризик по медиумските слободи и слободата на изразување.

Ова не е единствен проект на владата поврзана со јавно мислење. На 19-ти март владата потпиша двегодишен договор вреден околу 390 илјади евра со Маркет Висион, а првото истражување на јавното мислење уште не е готово.

Во тендерот беше наведено дека веднаш по потпишувањето, за 18 600 евра ќе биде осмислено и реализирано почетно истражување на јавното мислење за квалитетот на владините политики и ефикасноста на нивните спроведувања.

-Во врска со Вашите прашања Ви посочуваме дека истражувањето не е завршено, сѐ уште е во тек и штом биде финализирано истото ќе биде достапно на јавноста, ни одговорија од владата.

Помина речиси месец и половина, почетното истражување не е направено, а во рок од три месеци за иста сума треба да биде подготвено и ново истражување. Во меѓувреме, во период од 20-ти март до 17-ти април, агенцијата Маркет висион изработи анкета по нарачка на веб медиумот mkd.mk во која беше мерен партискиот и политичкиот рејтинг како и ставот на граѓаните за државните приоритетни проблеми и работата на владата.

Поради нискиот партиски и лидерски рејтинг објавен со таа анкета, СДСМ обвини дека Маркет висион е фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ, омилена на екс премиерот Груевски и поради тоа го добила големиот тендер од пари на граѓаните. Власта им врати дека граѓаните добро ја оцениле посветената работа и залагањето на владиниот кабинет.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Клековски: Очекуваме експерт за ампутации од Словенија за повредените во Кочани

Дејан Дејан

Израел и Иран ги интензивираа меѓусебните напади

Дејан Дејан

Ги имало многу, материјалните трошоци се зголемиле, а 27 години работеле со фиксни тарифи – нотарите бараат покачување на цената за основните заверки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе