Мицкоски се обидува од една статистичка бројка да направи економска бајка, додека граѓаните секој ден се соочуваат со сè потежок животен стандард и сè повисоки цени, рече денеска на прес конференција потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи, коментирајќи ја прес конференцијата на Владата, на која премиерот и министерката за финансии рекоа дека БДП бележи раст, индустриското производство е во позитива, отворени се нови работни места.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес конференција истакна дека економијата не се мери со владини самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата.
„Економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата – колку килограми овошје, колку месо, колку литри млеко, колку бензин, колку денови им се исполнети со достоинствен живот“, порача Битиќи.
Тој нагласи дека Владата го слави растот на БДП од 3,1 отсто, но премолчува дека инфлацијата од 5,7% го јаде стандардот и дека клучни економски показатели покажуваат дека граѓаните живеат сè потешко.
„Ако БДП расте 3,1%, а инфлацијата е 5,7%, тогаш цените растат побрзо од економијата. Во реалноста, граѓаните трошат повеќе пари, а дома носат помалку производи“, истакна Битиќи.
Според Битиќи има пад во странските директни инвестиции и намалувањето на бројот на работници во индустријата.
