Холивудскиот актер и активист Ричард Гир ги критикуваше заострените миграциски политики во Европа и САД, оценувајќи дека владите треба да се насочат кон причините што ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови, наместо да ги „демонизираат“ мигрантите и бегалците.
Говорејќи во Берлин пред почетокот на новото партнерство со училиштето „Херти“, посветено на прашањата за миграцијата, Гир порача дека мигрантите се луѓе кои бегаат од војни, сиромаштија и други форми на страдање.
„Не мора да ги демонизирате луѓето во нивното страдање. Тие не се штетници. Ова се човечки суштества“, изјави Гир, критикувајќи ја реториката што се користи во дебатите за имиграцијата.
Актерот ги пофали хуманитарните организации кои спасуваат мигранти во Медитеранот, како „Отворени раце“ и „Лекари без граници“, а истовремено ги осуди политиките што, според него, ја отежнуваат нивната работа.
Во своето обраќање, Гир упати критики и кон американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи ја неговата администрација за дехуманизација на мигрантите и бегалците. Тој ја осуди и одлуката за запирање на програмите на Американската агенција за меѓународен развој (USAID), која ја опиша како една од најважните алатки на САД за хуманитарна помош во светот.
„Она што го направија со ХИВ и СИДА спаси десетици милиони животи“, рече Гир, оценувајќи дека прекинот на програмите претставува сериозна грешка.
Гир исто така изрази уверување дека поддршката за Трамп е намалена во последните месеци и ја критикуваше неговата политика кон Израел и Палестинците. Новата иницијатива што ја започнува со училиштето „Херти“ ќе се фокусира на истражување на причините за присилната миграција, како што се конфликтите, нестабилноста и лошото управување, со цел изнаоѓање практични решенија за намалување на миграциските текови.
