Вести Македонија

Ранѓеловиќ: Перцепцијата за „предавство“ на претходната власт сè уште ѝ носи предност на Владата

И покрај критиките за скромниот реформски напредок во првата половина од мандатот, актуелната влада и натаму ужива силен политички комодитет, оценува политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ во емисијата „Вин-Вин“ на Телма.

Според него, токму високата политичка поддршка и слабоста на опозицијата се клучните причини поради кои власта успева да ја одржи својата позиција без поголеми политички потреси.

„Има една работа која не оди во прилог да критикувам, а секогаш ми прави шах-мат, а тоа е комодитетот кој го ужива оваа влада. Што и да кажам и искритикувам, сепак тој комодитет е легитимен. Тоа е еден од темелите зошто оваа влада така се однесува“, изјави Ранѓеловиќ.

Тој смета дека дополнителен фактор е отсуството на силна и организирана опозиција која би можела поефикасно да ги артикулира критиките кон власта.

„Немаме некоја сериозна опозиција која сето ова може да го бутне како критика. Во општеството и понатаму е присутна перцепцијата дека претходната власт ја предала државата, дека го променила името и направила отстапки кои не требало да ги направи. Поради тоа, оваа допадливост и натаму се одржува како сигурна карта за останување на власт“, рече Ранѓеловиќ.

Сепак, аналитичарот предупредува дека вистинскиот предизвик за владата ќе дојде доколку се отвори прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, или други чекори поврзани со евроинтегративниот процес, за кои ќе биде потребна поширока јавна поддршка.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации

Tea Dimkovska

Ричард Гир: Мигрантите не се „штетници“, туку луѓе кои бегаат од страдање

Tea Dimkovska

Фетаи ќе биде именуван за нов специјален претставник на македонската влада во Брисел

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе