Вести Македонија Најважни

Мерц и Макрон со нон-пејпер за Западен Балкан

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон планираат на Самитот ЕУ – Западен Балкан и Молдавија да презентираат нова иницијатива со која ќе се забрза интеграцијата на земјите кандидатки од Западен Балкан во Европската Унија.

Во заеднички документ, владите на Берлин и Париз се залагаат за први чекори во интеграцијата уште пред полноправното членство, со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ.

Според документот, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со испраќање набљудувачи во европските институции.

„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот во кој увид имала Германската новинска агенција (ДПА), пренесува МИА.

Предвидено е Мерц на самитот во Тиват да има билатерални средби со премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, како и со претседателите на Црна Гора и Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.

Како што наведуваат владини извори, во овие разговори посебен акцент ќе биде ставен на перспективата шесте земји од Западен Балкан да се приклучат кон Европската Унија. Конкретно, се очекуваат првите предлози за нивна побрза интеграција во институциите и политиките на ЕУ, дури и пред нивното полноправно членство, наведува ДПА.

Мерц претходно изјави дека се потребни нови идеи и поголема флексибилност во процесот на проширување на ЕУ и предложи постепена интеграција на шесте земји од Западен Балкан, како и придружно, условено членство за Украина. Самитот ЕУ – Западен Балкан се одржува денес и утре во Тиват.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мехмети: Граѓаните очекуваат политики, а не отворање базени

Tea Dimkovska

Ранѓеловиќ: Перцепцијата за „предавство“ на претходната власт сè уште ѝ носи предност на Владата

Tea Dimkovska

Македонија избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе