Царина од 65 отсто за увоз на производи од САД во тарифникот на нашата управа не постои. Од таму велат дека највисоката стапка е 60 проценти и се однесува за увоз на цигари, тутун. Важи за сите држави, а не само за Америка. Потрагата по одговори и ваквите објаснувања доаѓаат откако Трамп ја објави новата повисока царина од 33 отсто за увоз од Македонија, а како основ за тоа беше искористена бројката од 65 отсто – царински и други давачки кои ја објавија американските власти. Но, нивната методологија се уште е предмет на дебата во сите светски водечки економии, а наиде и на реакција од многу нобеловци.
„Постои максимална, не царинска стапка туку максимален процент кој што за таа стока треба да се плати при увоз и има ситуации во кои што за 10 тина производи има максимално плаќање кое може да биде до 65 проценти. Но, значи не како чиста царинска стапка“, изјави Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински системи.
Се увиде дека бројката 65 се добива како просек при пресметка на обемот на трговија меѓу САД и Македонија, односно откако дефицитот ќе се подели со вкупниот извоз таму.
„Царините, ако ги погледнете како стапки кои ги имаме ние кон нив тие не се со тие стапки кои што се декларирани. Дизајнирани се на ниво на производ и истите се со различни стапки, така што ова е најверојатно некаков просек“, вели Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“.
Највисоката царина при увоз од САД е 15 отсто и се однесува за лешници. Со 7 отсто се царини оружјето кое се внесува од таму во земјава, а е за Министерството за одбрана. Но, за најголем дел од производите од САД нема царина.
Со воведувањето повисока царина се увиде и дека Америка и нашата државата имаат различни анализи за увозот и извозот. Па, така во нивната статистика Македонија во трговијата со САД има суфицит, а во нашите анализи ние сме во дефицит. Познавачите објаснуваат дека тука треба да се види дали во извозот се впишува земјата на потекло или земјата извозник.
Новата повисока царина од САД за многу домашни експерти е неочекувана и сметаат дека ќе погоди повеќе сектори. Една од препораките беше дека треба да се најдат нови пазари за пласман како на пример истокот и Африка каде расте популацијата. Други, пак, сметаат дека по ваквиот потег нашата влада треба да намали дел од давачките за САД.
Ирена Чачкова
