Криминалните проблеми, инцидентите, дилање дрога, малолетници после полноќ на забава, тепачките пред и околу Пулс, сообраќајните проблеми, паркирањата насекаде, прекршоци -сето тоа не било непознато за полицијата во Кочани, началниците во Штип, раководството во Скопје. Дури имало и информации и анонимни претставки до сите нивоа на полициската структура во МВР, па и поднесоци до внатрешната контрола.
Внатрешната контрола како Оддел во МВР е задолжена за испитување на неправилности извршени од страна на полициски овластени службени лица и вработени во Министерството. На почетокот од 2023-тата година до нив, според информации на КОД имало повеќе анонимни претставки и пријави дека треба да се преземат мерки за случувањата со кабарето Пулс. Дел од анонимките биле пишувани и од луѓе во институции и од полицијата, се сознанијата на КОД.
И покрај тие информации до внатрешната контрола, надлежните структури во полицијата во март 2023-та издале потпишани документи кои биле употребени од газдата на Пулс и фирмата 4М за да добијат легални лиценци. Од МВР ниту негираат ниту потврдуваат за тие анонимни пријави со образложение- Истрагата е во тек.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во содејство со ОЈО за ГОКК и во оваа фаза на истрагата која е во тек не сме во можност да споделиме повеќе информации. По целосно завршување на истрагата соодветно ќе ја известиме јавноста, одговорија од МВР.
Од обвинителството само потврдија дека се истражуваат и можна одговорност на други полициски службеници и началници, но засега бројката останува на 7-те кои се притворени и чии потписи стојат на документи поврзани со лиценцата која истекла лани во март 2024-та, година дена пред катастрофалниот пожар. За оние кои гледале и знаеле за случувањата и проблемите со Пулс, ама не ставале потписи- нема засега никаква одговорност.
Истрагата треба да биде транспарентна колку што дозволуваат законите но и целосна, и без било каква селективност, порачаа оние кои со години се борат против корупцијата и предупредуваа ама никој не ги слушна и не презеде ништо пред пеколот во Пулс. И граѓанските организации од платформата за борба со корупцијата бараат транспарентна истрага која ќе дојде до секоја корумпирана пора.
Проблемска информација на полиција за да се одземе лиценца на Пулс во ноември 2022-ра
Од најмалку три различни извори,поврзани со истрагата или запознаени со начин на полициско постапување ни пристигна уште една информација. Дека повисоките полициски кругови биле информирани од началници во кочанската полиција за лошата состојба поврзана со кабарето Пулс. Станува збор за таканаречена проблемска информација која надлежните полициски органи или претсавници може да изготват и за определена состојба да ги известат повисоките полициски структури или структури во хиерархијата на МВР.
Проблемска информација како поим од полициската терминологија и постапка е предвиден со СОП односно со стандардна оперативна процедура. Со СОП е регулирано какако се прави и каде се поднесува, а има повеќе примери од повеќе полициски станици и оделенија за внатрешни работи кога информирале за проблеми например со простор за приведени или азиланти или за развој на процедурата.
Го најдовме поимот и во стратешки план на МВР за период 2024-та до 2026-та кој е правен во време на техничката влада и има потписи од тогашните технички министер и дополнителен заменик министер.
Според изворите на КОД, трите од различни области, од кои некои поврзани со истрагите, кочанската полиција односно ОВР Кочани на почетокот на ноември 2022-рата поднела проблемска информација за случувањата со дискотеката Пулс.
Во проблемската информација било наведено какви кривични дела и прекршоци се случуваат во и околу кабарето, какви мерки треба да се преземат, а кочанската полиција дури и пишала предлог до СВР Штип дека Секторот за внатрешни работи Штип треба да ги извести надлежните институции и министерства меѓу кои Економија дека Пулс не ги исполнува условите да биде кабаре и најдобро решение е да се одземе тековната лиценца за кабаре, а во идна постапка да не се додели таква лиценца.
Таков документ бил доставен до СВР Штип, а според информациите на КОД- меѓу потписниците и изготвувачите на таа проблемска информација има и полициски службеници кои сега се притворени. Има и притворени началници од Штип до кои стигнала таа проблемска информација со предложено решение- предлог за одземање на лиценца, 17 месеци пред да се случи катастрофалниот пожар. Но, нема информација што било преземено и дали било известено надлежното Министерство за економија во чиј ресор се лиценците за кабареа.
Бидејќи во таа проблемска информација од 2022-ра биле регистрирани прекршоци кои се случувале во Пулс, во периодот полсе тоа- околу ова кочанско кабаре биле испраќани дополнителни полициски патроли па дури и тимови од Единицата за брзо распоредување од Скопје, во деновите кога имало забави, велат нашите извори.
Не била одземена туку се барале други полициски извештаи за нова лиценца
Четири месеци подоцна, Пулс и фирмата 4М почнале постапка за нова едногодишна лиценца. Дотогаш кабарето работело со една извадена во 2021-ва која поради корона мерките била продолжена за уште една година бесплатно.
СВР Штип испраќа допис до ОВР Кочани со прашања кои треба да бидат одговорени. Тема Пулс. Иако имале целосна проблемска информација за сите кривични дела, прекршоци и поплаки – штипските полициски служби барале нов документ, со одговори колку прекршоци има управителот и сопственикот на 4М во тоа време, Митко Стојанов, и колку пријави за прекршоци имала фирмата 4М која до тогаш не стопанисувала со Пулс.
Иако полициските службеници кои требало да го срочат одговорот известиле дека прашањата не се доволни за суштината- сепак одговорот дека има вкупно 4 прекршоци бил изготвен, потпишан не од тогашниот командир на полициската станица во Кочани туку од неговиот заменик и одобрен од началникот на ОВР Кочани.
Тие три полициски фигури сега се притворени и осомничени за документот за Пулс кој бил испратен на 6-ти март 2023-та во СВР Штип. Во документот немало детали како во проблемската информација од ноември 2022-ра, а СВР Штип ниту барало потврда на тие сознанија ниту пак се повикало на неа кога ги испратило во Економија за нова лиценца за Пулс. Иако во проблемската информација имало предлог таква лиценца да се одземе на Пулс и воопшто да не се издава.
Диво кабаре, ама МВР си испраќало контроли
Седум дена по испраќањето на прашања, МВР одговори за бројот на кривични дела во периодот од почетокот на 2023-та до денот на трагичниот пожар. Првиот сегмент беше за период од година и половина, завршно со јуни 2024-та година и промената на власта.
-Ве известуваме дека во периодот од 01.01.2023 до 01.07.2024 година, регистрирани се следните инциденти:
Во 2023 година пријавено е едно кривично дело по чл.131 Тешка телесна повреда, против еден сторител и за истото е поднесена кривична пријава до Основно јавно обвинителство Кочани.
Во делот на недозволена трговија со дрога за горенаведениот период нема пријавени кривични дела и прекршоци по чл.20 од Закон за прекршоци од Јавен ред и мир.
Во делот на прекршоците за горенаведениот период има регистрирано два физички напади, 3 тепачки и 2 останати прекршоци, од областа на јавниот ред и мир. Исто така, регистрирано е едно дело Оштетување туѓи предмети, кое се води по приватна тужба, и еден случај на изгубен мобилен телефон, ни одговорија од МВР.
По смената на началници со новата влада, сопственикот прво реновирал, па го отворил клубот во ноември. Пулс немал лиценца, но полицајците оделе во акциски контроли во дивото кабаре.
-За периодот од 01.07.2024 до 16.03.2025 год., нема пријавени кривични дела и Барања за прекршоци по чл.20 од Закон за прекршоци од јавен ред и мир, додека има регистрирано 1 прекршок физички напад од јавен ред и мир, а нема од сообраќај. Спроведени се две Акциски контроли без констатирани прекршоци и регистрирани се две кривични дела од кражба на ташна и мобилен телефон и истите се водат по приватна тужба, одговорија од МВР.
МВР тврди дека немало констатирани прекршоци, а последната акциска контрола била вечерта на пожарот, кога полицајците тргнале во акција во 2:15 по полноќ, а не на стартот на журката со ДНК која заврши со 59 загинати и над 200 повредени.
Системот и службениците, меѓу кои и полициските па дури и оние кои вечерта биле таму- најчесто не ги гледале безбедносните проблеми со просторот и со условите кои треба да овозможат сигурна забава.
Дека безбедноста е второстепена и небитна за инспекторите, полицајците и државните службеници при контроли, сметаат и претставниците на Платформата за борба против корупцијата.
Тие заеднички упатија 11 барања за системско решавање на корупцијата, првото е ефикасна и непристрасна истрага без селективност, другите се промени на законите, постапувањето по наодите на Антикорупциска и Ревизорскиот завод, теренски контроли наместо канцелариско проверување, но на крај бараат наместо притисоци, медиумите и граѓанските организации да бидат гледани како партнери, од страна на власта затоа што откриваат многу недоследности по кои никој не постапува. И да нема политички притисоци врз медиумите и граѓанските активисти.
А еден од најголемите проблеми во целата ситуација со временско-корупциската низа која довела до трагедијатаа во Кочани е оној со непостапување и погрешно постапување на полициските службеници и началници.
И во тој сегмент досега има само 7 осомничени- ниту еден од нив не бил на функција, ноќта кога изгоре Пулс.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е емитуван во КОД на 30.03.2025. на ТВ Телма.