Оваа трагедија има димензии на национална катастрофа. На политиката не само што не ѝ е тука место, туку таквата злоупотреба на трагедијата е апсолутно недопустлива. Мора да бидеме обединети, затоа што наш заеднички цел е да ги казниме сите одговорни и да обезбедиме дека ваква трагедија никогаш повеќе да се повтори, изјави државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски во интервју за белградска „Политика“.
Коцевски вели дека предолго се толерирало непочитување на законот, „сега сите бараат правда и правдата мора да биде задоволена“.
„Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? – Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија“, истакнува Коцевски.
Според него, заедничко за трагичните настани со кои се соочивме изминатите години е тоа што покрај директната причина за катастрофата, често постои и дополнителен причинител во вид на непочитување на законот и системска корупција, што, како што вели, значително ги зголемува катастрофалните последици.