Пазарната инспекција во рамки на годишен план предвидува контроли на дискотеките, кабареата и ноќните клубови. Требало да се контролира речиси сè, од број на излези, лиценци и план за евакуација, до висина на таван и треба да се мултисекторски. Дали и колку се извршувани овие контроли, допрва ќе се утврдува, бидејќи извештаите се предмет на истрага.
Mеѓу лицата на кои им е одреден притвор по трагедијата во дискотеката „Пулс“ се речиси сите пазарни инспектори од Кочани и Штип.
Три од 12-те дискотеки со валидни лиценци, не ги исполнувале минималните предвидени услови утврдила контрола на пазарната инспекција и останатите инспекторати и за нив е доставено барање за одземање на лиценците и забрана за вршење дејност. За кои објекти станува збор надлежните не откриваат детали.
Во моментов 10 тима на пазарната инспекција, заедно со тимови од МВР, но и други инспекторати, вршат проверки на дискотеките кои имаат лиценци. Од 50 контролирани објекти, 23 имале важечка лиценца, 13 истечена, а 15 немале никаква лиценца. Откако ќе заврши контролата на овие објекти почнува проверката на дискотеките, ноќните клубови и кабареата кои немаат лиценца, а работеле во минатото.
Според информациите на Телма, во моментов се привршува со подготовки на законските измени со кои ќе се заостри казнената политика која е на сила од 2018 година и во која пропишаните казни не соодветствуваат со реалната тежина на прекршоците, а најавите се дека казните ќе се зголемат десеткратно и дека ќе се укине затворање на објектот, туку ќе се оди директно на одземање на лиценца.
Огнен Чанчаревиќ