Се намалува бројот на заболени од грип, но граѓаните и понатаму да ги следат препораките за превенција за да можеме со сигурност да кажеме дека пикот е зад нас, советуваат лекарите . Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје регистрирани се 2569 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболуввања слични на грип, што е за 15,4% помалку во споредба со претходната недела. Сепак во споредба со претходните 14 години се забележува зголемување за 38,4%.
„Во однос на возрасната дистрибуција 1.465 лица се на возраст од 15-64 години, 550 кај деца на возраст од 5-14 години, 297 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години и 257 кај лица на возраст над 65 години“ изјави Марија Андоновска, директор на Институт за јавно здравје.
Пријавен е еден смртен случај. Се работи за 82 годишна жена која била хоспитализирана во Клиниката за пулмологија, со утврдено присуство на коморбидитети и невакцинирана против сезонски грип. Според последниот извештај на Институтот најголем број заболени со грип се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово.
Во моментов на Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ се хоспитализирани 65 деца. Две од нив се на кислородна поддршка. Се намалува и бројот на амбулантски прегледи.
„Доминираат и вирусни инфекции, од кои што кај доенчињата РСВ бронхиолитот е најактуелен во моментов. Има и со клинички знаци за грип се уште, меѓутоа имам впечаток дека се намалува. Сега веќе со затоплувањето, разеленувањето на времето кај нас како болница за респираторни заболувања доаѓаат оние кои што си имаат мака со алергиите, така што оние деца со алергии, со астма ни доаѓаат почесто. Ни доаѓаат сега и на редовни контроли за да примаат редовна превенција“ изјави проф. д-р Катерина Бошковска, директорка на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Се намалува бројот и на амбулатски прегледи на педијатрискиот пулт во поликлиниката „Бит пазар“.
Нина Стефанова