Премиерот Мицкоски дефинитивно е против работодавачите да се ослободат од повисоки придонеси за да расте минималецот повеќе од законскиот износ, но и другите плати. Овој предлог кој дојде од ССМ генерално е прифатлив за дел од бизнисот, но Мицкоски денеска го осуди синдикатот дека нуди предлог од здружена опозиција.
„Жалам што Сојузот на синдикати полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата, Левица, СДСМ и ДУИ и практично она што го говорат во парламентот, овие го говорат на прес-конференции, но тие одбрале таков начин да функционираат. Доколку работниците и работодавачите на ЕСС се договорат да има минимална плата од 30.000 денари со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите, ние тоа ќе го прифатиме и тука немаме против“, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Од ССМ кратко искоментираа – борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба.
„Ние работниците се бориме за корка леб, а тие политичарите за гола политика“, пишува во објавата на ССМ
Овој месец со законското зголемување, минималецот треба да порасне за 1.800 денари и да биде 24.400 денари. Предлогот од ССМ е да има дополнително покачување до 30.500 денари, а за разликата работодавачите да бидат ослободени од повисоки придонеси една година или да бидат субвенционирани. Од Организацијата на работодавачи пред извесно време се изјаснија дека добро е да има субвенционирани придонеси, затоа што така бизнисот ќе биде мотивиран да исплаќа повисоки примања.
Предлогот ССМ го достави до Владата, ОРМ и до координаторите на пратеничките групи.
Но, прашањето за минималецот ќе се решава на Економско-социјален совет, кој треба да се одржи месецов. Сепак, за тоа да се случи, се чека владата на следната седница да предложи нови членови на комисијата која треба да ја потврдат легитимноста на ССМ, нешто без што не може да се одржи состанокот.
Уште едно прашање за кое ќе се зборува е пресметката за синдикалната кошничка. Откако Мицкоски кажа дека во нејзе има чудни работи и министерката за финансии Кочоска рече дека не и е јасно зошто грашокот во конзерва е ставен во кошничката за едно четиричлено семејство во која има и 13 литри млеко.
Ирена Чачкова