Од Будимпешта за ТВ Телма
Далиборка Демјанска Цветановска
Македонија и Унгарија се на страната за мир во Украина. Го поддржуваат планот на американскиот претседател, Доналд Трамп затоа што сметаат дека само така ќе се постигне договор. Ваква порака испратија денеска министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Петер Сијарто од Будимпешта, каде се одржа првата од најавениот сет на билатерални средби на дводневниот самит. Сијарто кажа и дека Орбан е во постојана комуникација со Трамп и изрази жалење што, како што вели, има сили кои сакаат да спречат мировен договор и токму поради различните ставови, на седницата на Европскиот совет, закажана за четврток, тој ќе предложи да нема никакви заклучоци.
Муцунски, пак, рече дека, останува целта – безусловно и што побрзо постигнување на посакуваниот мир, безбедност и стабилност во Европа и светот. За минатонеделната одлука да застанат зад американската резолуција за Украина, рече дека се базира на трите константи во политиката.
Двајцата министри потпишаа Акциски план за соработка преку пренесување на знаења и експертиза во процесот на евтоинтеграција на Македонија. Во овој контекст, Сијарто порача дека на ЕУ им е потребна свежа сила, а таа може да дојде само од Западен Балкан. Смета дека билатералните прашања не треба да се пречка за влез во Унијата и повтори дека Унгарија секогаш се залагала за полноправно членство на Македонија во ЕУ.
