Помеѓу 20 и 35 проценти изнесувала трговската маржа која се пресметувала во две категории на производи, бебешка исхрана и опрема за бебиња и хемиски производи и детергенти за домаќинство, покажале првите анализи на Државниот пазарен инспекторат.
Директорот на инспекторатот ни потврди дека трговците се правдале дека маржите мора да бидат високи поради тоа што има помал промет на овие производи од например храната.
Инспекторатот ги проверувал и увозниците и дистрибутерите на увозна стока при што исто така се утврдени големи маржи, а кај некои производи таа маржа веднаш после увозот изнесувала и над 35%. Поинаку кажано, ако увозната цена на некој производ е 1000 денари, таа при самото дистрибуирање до маркетите и продажните места оди со цена од 1350 денари.
Извештајот за движење на цените и маржите во целиот трговски синџир од производител и увозник преку маркети до крајниот потрошувач,во анализа треба да го преточи Министерството за економија и за тоа ќе се расправа и на владина седница во вторник.
-Доколку гледаме дека едната страна не почитува договорено тогаш како Влада ќе мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме преку дијалог да дојдеме до заедничко решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа, беше нарушена довербата помеѓу Владата и трговците, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Годишната инфлација која за декември ја измери државниот завод за статистика изнесува 4,4% односно дека за тој процент се качиле цените во однос на декември 2023-та.
Најмногу поскапел заленчукот за над 12 проценти. Двоцифрен раст имало и на цените на минералната вода, безалкохолните пијалаци и овошните сокови. Маслото чија цена со месеци не скокаше поскапе за 11,7 %, а слично поскапување беше регистрирано и во категоријата кафе, чај и какао од 11,5%.
Цените не ги заузда ниту таканаречената новогодишна кошничка, а во текот на оваа недела ќе се дознае дали таа кошничка има резултати барем во јануари кога Статистика ќе го објави извештајот за јануарската инфлација. Но, освен храната поскапи цени има и во аптеките и на апаратите за домаќинство и техниката.
-Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка, рече Мицкоски.
И додека се чека новата статистичка пресметка на инфлацијата, пресметката на синдикалната потрошувачка кошничка покажа дека трошоците на едно семејство во јануари се покачиле за 391 денари односно за 4-члено семејство таа чини 1050 евра.
Владата ја оспори пресметката и предложи нов начин на пресметување кое со години го прави синдикатот за да ја најде финансиската граница за преживување над линијата на сиромаштијата.
Миомир Серафиновиќ