Коле Манев остави непроценливо богатство , кое ќе ги инспирира идните генерации уметници . Неговото уметничко патување е неразделно поврзано со трагичната историја на македонските уметници, кои биле протерани од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција, 1948 година, велат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија, по повод заминувањето од животната сцена на нашиот сликар со светско реноме, режисер и сценарист, Коле Манев.
- Тој е вистински трагач по човечката суштина, мајстор на македонското фигуративно сликарство. Неговите дела, сведоци за длабоките стардања на Македониците, се визуелни симфонии кои ги изразуваат најдлабоките чувства и размислувања за македонскиот дух и свет, велат од ДЛУМ.
Естетиката на неговото фигуративно сликарство ја претставуваше со голем жар и почит. Секој негов потег беше потрага по длабока и индивидуална експресија, а неговата уметност и денес продолжува да биде светилник кој што ја одразува колективната свест на општеството и го поставува прашањето: „Каде одиме?“, додаваат од ДЛУМ. За Коле Манев, сликарството беше внатрешна потреба уште од детството кога, како што вели во емисијата „ Мојот пат“ од 1999 година, цртал по домовите во Романија, каде престојувал по егзодусот од Грција.
- Тоа беше континуирана потреба , силна потреба во мене за да се бавам со ликовна дејност. Без никакви идеи дека треба да се стане славен, па треба да се стане познат и т.н. Повеќе да се задоволи онаа внатрешна потреба, која цел живот ме следеше, кажа сликарот Коле Манев.
За својата посветена работа Коле Манев ја освои државната наградата „23 Октомври“. Одликуван е од Француската амбасада со титулата „ Почесен витез на уметноста и културата“, а го доби и признанието „ Љупчо Филипов“ за развој и афирмација на македонскиот стрип. Почина на 83- годишна возраст по кратко боледување. Со неговото заминување, македонската култура останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник, велат од Кинотеката на Македонија. Посмртните останки на Коле Манев ќе бидат изложени утре(петок) од 14 и 30 до 15 и 30 часот во капела на гробиштата во Бутел, по што ќе биде погребан.
Сотир Трајков