Руските власти соопштија дека Украина извршила напади без преседан околу Санкт Петербург, додека во градот завршуваше економскиот форум, настан на кој претходниот ден присуствуваше и претседателот Путин.
Повеќе од 140 дронови биле соборени во регионот Ленинград, изјави гувернерот Александар Дрожденко, додека за првпат од почетокот на војната до жителите се апелира да останат во своите домови.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, објави видео снимка од дел од погодените локации, тврдејќи дека украинските сили погодиле руски воени складишта и поморска база, нарекувајќи го тоа праведен одговор на руските напади. Тој напиша дека украинските дронови прелетале околу 1.000 километри до регионот на Санкт Петербург.
Претходно, Путин го отфрли повикот на Зеленски да се сретнат и разговараат за завршување на војната, додавајќи дека борбите ќе завршат кога Русија ќе ги исполни своите цели.
Руските власти потврдија дека била спроведена и делумна евакуација на жителите околу погодената воена база.
„Ова е привремена мерка. Очекувам жителите да се вратат во своите домови за само неколку часа. Ве молам за разбирање во врска со ова прашање. Ситуацијата е под контрола. Персоналот на Министерството за одбрана и Единствениот државен систем на Ленинградската област за превенција и справување со вонредни ситуации активно работат на гаснење на пожарот“ – изјави гувернерот на регионот Ленинград, Александар Дрожденко.
