Ќе добијат ли jaвните комунални претпријатија цена на струјата како за домаќинствата, односно да плаќаат по 62 евра за мегават час? – Одговор на ова прашање се чека да даде Владата. Тие вчера преку писмо до Министерството за енергетика, Владата и Регулаторната комисија, побараа да им се овозможи да склучат договор за снабдување со ЕСМ по цена по која ја испорачуваат до Универзалниот снабдувач, а наменета e за домаќинствата и малите потрошувачи, напоменувајќи дека ако не се преземе нешто, може да се очекува нередовно снабдување на населението со вода.
Од Владата кусо одговорија – се бара решение
„Како Влада сме свесни за состојбите и во овој момент е формирана балансна група која треба да го изнајде најдоброто решение. Штом се постигне согласност од сите засегнати страни кои се вклучени во овој процес, Владата ќе ја информира јавноста“, се вели во дописот од Владата.
Од ЕСМ за Телма велат дека до сега до нив не е стигнато вакво барање. Според законот, струјата која не е наменета за домаќинствата, Електрани ја продава на отворен пазар преку ЕСМ Продажба по цени кои се креирани согласно моменталните пазарни услови, односно приближни на оние од берзата.
Од Регулаторната комисија велат дека најголем дел од јавните комунални претпријатија, по закон, со струја треба да се снабдуваат на отворен пазар и така треба да остане. Таму, пак, цените се повисоки од онаа по која ЕСМ им ја испорачува на домаќинствата. Деновиве надминува и 300 евра за мегават час.
Но, она што треба да се знае е дека ЕСМ не е во најдобра состојба. Има високи загуби, без помош од буџетот се обидува да го подобри работењето, а струјата за домаќинствата ја дава по цена далеку под производствената која е некаде над 100 евра за мегават час. Па, од тука се отвора прашањето какви финансиски импликации ќе има ЕСМ, ако на 90 јавни комунални претпријатија им испорачува струја по цена како за домаќинствата.
Од друга страна, пак, загубите на вода за пиење се над 60 проценти. Регулаторна неколку пати побара тие да ја утврдуваат цената и за водата, а не да одредуваат само најниска и највисока цена, па потоа советите на општините да го имаат крајниот збор. Напоменуваа и дека загубите се и поради немање инвестиции и дека во 21 век сè уште има бунари.
За време на енергетската криза, општини, но и компании со големи профити кои треба да се на отворен, се префрлија на регулиран пазар и користеа поевтина струја која беше наменета за домаќинствата. Тогаш регулаторите предупредија да се тргнат од регулираниот пазар, затоа што ќе направат притисок на цената за граѓаните.
Ирена Чачкова
