ЕСМ набави нови количини на јаглен од Грција за потребите на РЕК Битола. Станува збор за 350.000 тони,од јавниот повик кој беше објавен пред речиси една година, со кој се бараа над 1.390.720 тони јаглен.
Од ЕСМ за Телма одговорија дека количините се обезбедени од Грција преку фирмата „Протергија Енерџи“ ДООЕЛ Скопје, истата од која претходно се набавуваше.
Тогаш, податоците покажуваа дека станува збор зa фирма која е во сопственост на грчка компанија „Протергија“ која, пак, е фирма ќерка на „Митилинеос“, фирмата која минатата година беше во фокусот на јавноста затоа што имаше статус на стратешки инвеститор и сакаше да гради централа во Железара, проект кој дел од експертите го оценија како штетен за државата.
Цената за новата набавка како што велат од ЕСМ сега била пониска од претходно. Тогаш се купувал по 540 денари за GJ, а сега се плаќа 453 денари за GJ.
Паралелно, електрани објавија и нов повик со кој бараат 800.000 тони, исто за потребите на РЕК Битола.
Во меѓувреме ЕСМ треба да објави нов тендер за избор на фирма која ќе копа јаглен во РЕК. На последниот ниту една компанија не ги исполнувала условите за да ја врши оваа работа. Додека да се најде, привремено за оваа е ангажирана „Топлина Подмоље“. Договорот вреден еден милион и 150.000 евра со компанијата е склучен во четири очи. Но, количините очигледно не се доволни и се увезува.
„Топлина“ заедно со уште две фирми кои се поврзуваат со луѓе блиску до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев беше подизведувач на „Марковски компани“ со кој претходно новото раководство во РЕК го раскина договорот заради неисполнување на обврските.
Ирена Чачкова