Uncategorized Вести Македонија Топ вести

Втор припадник на нарко-кланот Барон помилуван годинава

Втор припадник на нарко-кланот Барон помилуван од втор претседател на државата во текот на оваа година. Кога помилуваше Пендаровски, реагираше ВМРО-ДПМНЕ, кога помилува Силјановска – Давкова реагира СДСМ.

Жестоки реакции од опозицијата предизвика празничното помилување на осуденици од претседателката Гордана Силјановска Давкова, откако на листата на помилувани се најдоа лица од нарко-кланови за кои има индиции дека се вмешани и во други кривични дела.

Меѓу помилуваните од претседателката е Акиф Равманоски, познат како Аќиф Јусуфи или Аќиф Барон, осомничен припадник на нарко-кланот Барон, кој беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор за оружје. Тој прво бил осуден на условна казна, но Апелација му ја преиначила во ефективен затвор. Како осуденик во Идризово, кој бил работно ангажиран надвор од затворот, тој беше осомничен за пукањето пред 8 дена во Чаир кога беше застрелан припадник на соперничката група од Грчец.

Претседателката Силјановска Давкова вели дека Комисијата за помилување се водела од конкретните дела за кои биле осудени помилуваните.

„Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот тоа е факт, сега гледам јас тоа, но јас велам дека тие [комисијата] се воделе од конкретните дела. Претпоставувам дека има начин значи да се санкционира, бидејќи да било делото членство во злосторнички здруженија и јас не знам какви опасни веројатно поинаку би било. Значи, јас почитувам знаење, јас потпишувам одлуки меѓутоа јас велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на комисијата. Точно е дека го имам последниот збор но мора да се има ова во предвид, изјави претседателката Силјановска Давкова.

Меѓу оние кои затворската казна од 6 месеци ја заменуваат со 3 години условно е Шенол Маслани од Арачиново, брат на познатиот Шенки Версаче. Маслани беше осуден на 6 месеци затвор за насилство, но излегува од затвор на условна слобода. Уште еден затвореник ќе ја замени затворската со условна казна.

„Во услови кога на улиците има зголемени криминални пресметки, овие помилувања дополнително ќе ги охрабрат криминалците со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните. Давкова го поткопува владеењето на правото и даваат сигнал дека секој што е под заштита на власта може да прави што сака. Клучното прашање е зошто Давкова ја носи оваа скандалозна одлука? Дали власта има дил со криминалните структури кои се ставаат во нивна служба на овој начин“, праша портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Седуммина други добиваат намалување на затворските казни меѓу 2 и 3 месеци, освен поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, кој доби намалување од 1 година.

Талески беше осуден за злоупотреба на службената положба во случајот Транспортер на СЈО за превоз на ученици во Битола на 7 години затвор, но по измените на Кривичниот законик за тоа дело во моментов би можел да добие најмногу 5 години.

Три месеци намалување на затворската казна доби и Марјан Ефремов од случајот Шпион, кој е сериозно болен.

„Скандалозната одлука на претседателката Силјановска да помилува криминалци кои се дел од познати нарко групи покажува дека и новата власт има „долгови“ кон криминалното подземје“, реагира Левица.

Инаку, во март годинава, тогашниот претседател Стево Пендаровски за шест месеци му ја скрати казната на Бедри Зеќири, исто така припадник на нарко-кланот Барон. ВМРО-ДПМНЕ тогаш праша дали Пендаровски нешто им должи на криминалците што ги помилува.

Затворениците прво треба да побараат помилување, па барањата ги разгледува комисија во Министерството за правда, која според информациите на Телма, не дала препораки за помилување, па од таму оди во Комисијата за помилување што ја формира претседателката, која дала препораки за помилување, но конечната одлука ја носи претседателката која може, но не мора да ги прифати препораките.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Агелер за ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД: Политичкото мешање во судството не смее да се толерира

Дејан Дејан

Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот – земале мито за судските процеси на Сашо Мијалков

Дејан Дејан

Ахмети побара од Уставниот суд да ги отфрли иницијативите за Законот за јазици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе