Македонската фудбалска репрезентација оствари фантастична победа од 2-0 против Ерменија иако одигра цело второ полувреме со играч помалку. Со оваа претстава нашите репрезентативци покажаа дека ремито 1-1 на гостувањето кај Фарски Острови во 1.коло од Лигата на нации беше само лош ден.
Македонија уште од првата минута вечерва на арената „Тодор Проески“ покажа дека сака да дојде до трите бодови. Игравме офанзивно со променета формација и тоа донесе резултат. Елиф Елмас ја имаше првата шанса во 21.минута кога излезе сам пред голот на Ерменија, но голманот Огњен Чанчаревиќ успеа да одбрани.
Потоа Енис Барди имаше еден одличен шут од далечина, а се закани и Давид Бабунски. Првото полувреме заврши лошо за нас откако Ѓоко Зајков доби црвен картон.
И со играч помалку во вториот дел Македонија играше добро и беше опасна кон голот на гостинот, а Бојан Миовски прв се закани.
Барди го донесе водството на Македонија со еден прекрасен гол од слободен удар во 70-тата минута. Точка на натпреварот стави Бојан Миовски само девет минути подоцна.
Македонија оствари важна победа со што ја прекина лошата низа од седум натпревари без триумф. Сега нашиот тим се искачи на првото место на табелата во групата 4 од Лигата Ц со четири бодови, додека Ерменија и Летонија имаат по три, а Фарски Острови има еден бод.
Следните натпревари во Лигата на нации, Македонија ги игра на гостински терен против Летонија и Ерменија во октомври.