Вести Економија Македонија Најважни

Буџетскиот дефицит се зголемува за 110 милиони евра

Буџетската дупка се зголемува за 110 милиони евра и годинава ќе достигне 750 милиони евра, односно 4,1 отсто од Бруто домашниот производ. Владата на денешната седница го усвои ребалансот на буџетот, со кој се предвидува зголемување на приходите, но уште поголемо зголемување на трошењата. Парите ќе се обезбедат од домашни и странски задолжувања.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека буџетскиот дефицит за првпат се зголемува, не поради тековни трошења, туку поради зголемување на капиталните инвестиции. Според ребалансот, капиталните инвестиции се зголемуваат за 94 милиони евра, и сега се планира да бидат 747 милиони евра.

  • „За првпат ова зголемување на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и за граѓаните. Тоа ќе остане принцип на работа на оваа влада“, вели Димитриеска-Кочоска.

Владата планира да собере 69 милиони евра повеќе од претходно планираното, но да потроши 179 милиони евра повеќе. Приходите сега се планираат на 6,16 а расходите на 6,9 милијарди евра.

Се очекува растот на економијата да биде 3,5 отсто, а инфлацијата 4,5 проценти.

Опозицискиот СДСМ претходно реагираше дека зголемувањето на дефицитот е потврда дека буџетот е празен поради расипничкото однесување на владата и оти е неизвесно дали ќе има пари за плати и за пензии. Според нив, зголемувањето на дефицитот е спротивно на законот.

  • „Продлабочувањето на дефицитот значи само едно – нови скапи задолжувања што ќе ги враќаат граѓаните и идните генерации преку повисоки камати, даноци, поскапи услуги. Граѓаните најдобро знаат каква е вистинската состојба на економијата во земјава. Доволно е да погледнат во своите паричници и во своите фрижидери. Таму не се гледа „трета економија во Европа“, туку раст на трошоците за живот, пад на куповната моќ и се зголемува загриженоста за иднината“, изјави Наташа Поповиќ од СДСМ.

И покрај зголемувањето на дефицитот, министерката очекува јавниот долг да остане под 60 проценти од БДП.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Реформската агенда во фокус: Власта уверува дека има напредок, опозиција алармира за застој и изолација

Дејан Дејан

Доцова по средбата со Гаши: Потребно е да се направат уставни измени

Дејан Дејан

Мицкоски го информирал НАТО за објавена дипломатска нота

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе